Овошјето и зеленчукот не биле никогаш поскапи како сега, поради тоа многу граѓани годинава не планираат да прават ајвар, лутеница, малиџано, џемови, слатка, туршии… На зелените пазари, килограм црвени пиперки ајварки се продаваат од 80 до 100, везенките по 100 денари, доматите по 80 денари, модриот патлиџан, зависно од големината, од три до пет парчиња за 100 денари, краставиците 90 денари…

Земјоделците велат дека зголемените цени на овошјето и на зеленчукот годинава се должат на климатските промени и на намаленото производство. Граѓаните коментираат дека годинава ќе останат без традиционалниот ајвар и без другите зимски специјалитети, за чија подготовка ќе им требаат 200 евра.

Претседателот на Сојузот на земјоделците од Струмица, Ристо Велков, за весникот ВЕЧЕР вели дека цените се високи бидејќи нема доволно количини, а и климатските промени си го направиле своето.

Причината за високите цени се намалените површини, климатските промени и немањето работна сила. Површините со ајварка годинава се намалени за 20 отсто поради климатските промени, родот е проретчен, а мал дел од пиперот е оштетен од дождот и од градот, вели Велков.

Тој додава дека откупната цена на ајварката во Струмица е 40 и 50 денари за килограм, а на пазарите се продава по 80 и 100 денари за килограм. Лутиот пипер се откупува по 60, а благиот по 50 денари за килограм. Ова покажува дека трговците се тие што го собираат кајмакот во државата за сметка на граѓаните и на земјоделците.

Поради малите количини, очекуваме годинава брзо да се продаде и втората берба. До крајот на септември ќе се заврши со бербата на ајварката за разлика од други години, кога имало пипер и во октомври, вели Велков.

Повеќе на Вечер



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.