Раст на цените на мало за цели 6% во декември 2021 та во однос на истиот месец 2020 та. Трошоците на живот зголемени за 4.9%. Овие вредности се највисоки што се регистрирани во месец декември од 2014 та година досега. Светските анализи покажуваат дека и годинава се очекува раст на цените на металите и на храната, пишува “Порталб”. Домашните прогнози упатуваат на ценовна стабилизација во втората половина од оваа година.
Масовната имунизација, брзото ширење на новиот вид “омикрон” и состојбата со цените на електричната енергија во светски рамки се клучните фактори кои ќе ја детерминираат оваа нова економска година. Од нив ќе зависи дали ќе започне процес на посилно економско заздравување или ќе следуваат нови рестрикции кои ќе бидат вовед во нова кризна епизода која повторно ќе донесе ценовно цунами.
Главниот надолен ризик и натаму е поврзан со идниот тек на пандемијата, при што постои загриженост дека незадоволителната динамика на процесот на масовна вакцинација на глобално ниво и евентуалната неефикасност на постојните вакцини за новите соеви на корона-вирусот, особено во услови на глобално ширење на новиот сој „омикрон”, би можело да доведе до воведување построги рестриктивни мерки, влошување на глобалните трговски текови и до поизразено нарушување на глобалните синџири на снабдување. Дополнителен ризик претставува и евентуалното предвремено и поизразено затегнување на монетарната политика во развиените земји, со неповолни ефекти и врз брзорастечките високозадолжени земји” – се наведува во најновото истражување на Народната Банка.
Еден од клучните ризици ќе биде и битката со енергетската криза – доколку продолжи трендот на раст на светските енергетски цени поради дисбалансот меѓу понудата и побарувачката тоа , според НБМ би имало негативен одраз врз закрепнувањето на глобалната економска активност. И ценовниот раст на основните – примарни производи ќе биде фактор на ризик.
За 2021 ‒ 2022 година се очекува главно повисок раст на цените на примарните производи, додека за 2023 година се очекува дека најголемиот дел од нив ќе забележат поголем ценовен пад. Сепак, движењата и оцените за цените на примарните производи се исклучително променливи и тековно се под влијание на случувањата поврзани со пандемијата на ковид-19, што создава поголема неизвесност околу нивната идна динамика и ефектите врз домашната економија, и на краток, и на подолг рок, наведуваат од НБМ.
Кај енергенсите се очекува намалување на цената на нафтата – но како резултат на очекувањата за намалена побарувачка поради брзото ширање на новиот вид на коронавирус – омикрон. Но оваа година се очекува натамошен раст на цените на металите.
И понатаму се очекува раст на цената на никелот и бакарот, посебно изразен во 2021 година – се наведува во истражувањето на НБМ.
Достигнат ценовен “пик” – стабилизација во втората половина од 2022 та
Повисоки трошоци за храна, за транспорт, култура, здравство, ресторани – сумираните податоци за 2021 та покажуваат дела ланската година беше во знакот на ценовен раст. Во декември 2021 та во однос на истиот месец од 2020 та индексот на трошоците на живот е зголемен за 4,9% а на цените на мало за 6%.
Индекс на трошоци на живот Индекс на цени
XII 2021/ XII 2020 4,9% 6,0%
XII 2020/ XII 2019 2,3% 1,7%
XII 2019/ XII 2018 0,4% -0,2%
XII 2018/ XII 2017 0,9% 1,0%
XII 2017/ XII 2016 2,4% 4,9%
XII 2016/ XII 2015 -0,2% 0,1%
XII 2015 / XII 2014 -0,3% -0,4%
XII 2014/ XII 2013 -0,5% -2,3%
Ланската 2021 та во однос на 2020 та преку индексот на цени на мало била поскапа за 4,3% а преку трошоците на живот за 3,2%. Според анализите од домашните институции, ценовна стабилизација се очекува во второто економско полугодие. Од Народната банка, задолжена да ја одржува стабилноста на курсот на домашната валута, велат дека состојбата будно се следи и дека засега нема потреба од мерки кои би воделе кон заострување на монетарната политика.
Неизвесноста поврзана со ценовните промени и понатаму е нагласена, согласно со неизвесните економски ефекти поврзани со развојот и справувањето со пандемијата, како и од зголемената неизвесност на светските пазари на енергенси. Доколку растот на цените е од продолжен карактер и позначително влијае на инфлациските очекувања, Народната банка е подготвена за соодветна реакција со инструментите со кои располага, било заклучено на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка.
Според сегашните владини проекции, годинава инфлацијата треба да се стабилизира на 2,4%. Оваа 2022 година започна со зголемени цени на парното греење, на електрична енергија и на нафтените деривати. Во новата економска година се прелеа и трендот на пораст на цените на недвижностите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.