Мечкина услуга ни направи владата пред празниците, коментираат жители на Скопје, кои ги затекнавме на Зелениот пазар. Дошле по „замрзнат“ зарзават, но ќе се врат дома непријатно изненадени и со празни ќеси.
На Зелениот пазар денеска црвени домати се продаваат на три тезги. Буквално на три тезги. И нивната цена е двојно повисока од замрзнатата. Така, црвените домати денеска или ги нема или чинат од 120 до 140 денари за килограм. На една од 2-3-те тезги се продаваат ситни и меки домати по цена од 80 денари.
Краставиците се продаваат по 70 денари ако одлучите да купите албански краставици. Ако, сепак, сакате домашно, кочанските краставици денеска на Зелен пазар ќе ве чинат 110 денари за килограм.
Стар кромид на Зелен пазар денеска исто така се продава на две тезги. На едната чини 90, а на другата 70. Има и мек кромид за 60.
Зелени пиперки на Зелен пазар нема, а стариот компир се продава од 35 до 50 денари, зелката од 25 до 50 денари.
Во маркетите, пак, можете да најдете домати ако сте подготвени да ги платите со суво злато. Во КАМ и Веро денеска нема зелени нелути пиперки, а замрзнатите цени главно се почитуваат: Во КАМ стариот кромид чини 60 денари, стар компир 39, краставици 75, лимони 55, банани 70 и домати има. Но, тие се увозни, розови и чинат 189 денари. Во Веро, пак, за увозни розови домати треба да платите 259 денари. Во ЗУР маркетите, пак, денес нема домати и кромид.
За спредба, Владата ги замрзна цените на овошјето и зеленчукот и одлуката важи од вчера.
Инспекторите на Државниот пазарен инспекторат на првиот ден од спроведувањето на одлуката на Владата извршиле над 250 контроли и надзори и забележале само две прекршувања. ДПИ констатира дека одлуката се почитува.
До објавувањето на овој текст ДПИ го немаше објавено денешниот извештај, а ни одговорија дека колегите се на состаник.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.