Претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен синоќа изјави дека продолжувањето на договорот за извоз на жито од Црното Море зависи од Русија.

Русија е одговорна за продолжување на договорот, или ќе се почувствуваат последиците за глобалната безбедност на храната, рече таа во Брисел, пренесена од руските медиуми.

Фон дер Лејен, истовремено, му се заблагодари на генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, „за неговите неуморни напори во врска со договорот за житото од Црното Море“.

Како што беше претходно објавено, Гутереш очекува дека предлозите испратени до рускиот претседател Владимир Путин за Иницијативата за извор на црноморското жито ќе помогнат да се реши прашањето за продолжувањето на договорот.

Договорот со кој се овозможува безбеден извоз на житарки и ѓубрива во Црното Море истекува во понеделник, а првпат беше потпишан на 22 јули минатата година и оттогаш редовно се продолжува.

Зборувајќи за продолжувањето на Црноморскиот договор за извоз на жито, Владимир Путин претходно, вчера, кажа дека Русија би можела да се повлече од договорот за жито додека другите страни не ги исполнат своите ветувања за извоз на жито и руски вештачки ѓубрива.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.