Управата за финансиска полиција пред Нова Година купила автомобил од 38 илјади евра. Директорот Арафат Муареми договорот го потпишал со добавувачот на 21 декември, а до Бирото за јавни набавки е доставен на 4 јануари. Според објавениот договор, цената на возилото без пресметан ДДВ е 32 илјади евра, а со данокот, чини 38 илјади евра. На огласот за јавната набавка имало само една понуда, објави СДК.МК.

Возилото што го купил директорот за институцијата е „Опел инсигнија гранд спорт бизнис елеганс“ 2.0 дизел. Според промотивните материјали на производителот, станува збор за „софистицирано ниво од бизнис класата“, а според спецификацијата со која победил добавувачот, лимузината е со автоматски менувач со 6 брзини.

Има автоматски двозонскa клима, систем за активно држење на возилото во лента, систем за избегнување на судир со возило напред, со асистенција на сопирање, систем за автоматско одржување на растојание до возилото напред, паркинг сензори предни и задни, камера за паркирање назад, 6 воздушни перничиња, алуминиумски тркала со дијаметар минимум 17 инчи, навигација, патен компјутер…

Лани во Обвинителството за организиран криминал и корупција за цела година стигнале само 9 пријави од Финансиската полиција. Статистиката во ова обвинителство вели дека од поднесените 9 пријави од Финансова, само 5 ја погодиле адресата. Пријавите биле поднесени против обични граѓани, ниту една не е против носител на јавна функција или бизнисмен, банкар.

Извор: СДК.МК

 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.