Дирекцијата на технолошко-индустриски развојни зони (ТИРЗ) денеска склучи договор со „ЕСМ Продажба“, со којшто, како што соопшти директорот Јован Деспотовски, од 1 јануари следната година, корисниците на природен гас во скопската зона имаат обезбедено стабилно снабдување. Цената е за околу 40 отсто пониска од износите што се плаќаа во пикот на енергетската криза.

– Имаме стабилно снабдување и тоа што е многу важно, имаме снабдување од извори, различни од досегашните. Билансите ќе ги почекаме со завршните сметки, но податоците со коишто располагаме е нето износот, говорат дека разликата помеѓу приходите и трошоците сепак одржува одреден баланс. Растот на цената на струјата секако ќе има влијание врз добивката но дополнителен фактор е и растот на платата. Станува збор за раст што секако е поголем од 15 проценти. Овие два фактори имале влијание врз работата на компаниите, но вредноста на нето износот, сè што е извезено одржува стабилно ниво, што значи дека компаниите имаат – истакна Деспотовски на денешниот брифинг со медиумите.

Оваа година ја оцени како успешна по повеќе параметри во однос на технолошко-индустриските работни зони.

– Обемот на постигнат договори достигна бројка до 430 милиони евра. Што е секако рекордно досега, двојно повеќе во однос на минатата година. Веќе сме многу блиску до целта што ја зацртавме, до 2024 година да стасаме до инвестиции што треба да достигнат милијарда евра. Сите нови инвестиции, што дел се веќе во фаза на реализација, предвидуваат повеќе од 4.300 работни места. Можам слободно да кажам дека имаме зголемување на бројот на работни места од почетокот на оваа година за некаде повеќе од 20 отсто – појаснува директорот на ТИРЗ.

Податоците за увозот и извозот ќе бидат објавени по Нова година.

– Онаа бројка од три милијарди евра извоз што ја имавме минатата година, со податоците заклучно од ноември веќе е зголемена за 20 проценти. По повеќе параметри работата на самите компании, но и на институциите задолжени да го координираат процесот на привлекување на инвестиции можам да го оценам како повеќе од успешен – рече Деспотовски.

Тој рече и дека дел од новокреираните работни места во изминатава година делумно се должат на тоа што неколку фирми префрлиле дел од бизнисите од Украина во земјава.

– Со една од тие фирми потпишавме и договор за реализација на целосно нова фаза на инвестиција и таму има забележителен раст на бројот на работни места. Можеби не сме многу среќни за тоа што се случува во Украина и оти дел од бизнисот се префрла во земјава, но правиме се и на нашите компании корисници да им излеземе во пресрет да можат да се снајдат – вели Деспотовски.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.