Владата на предлог на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство усвои Информацијата за состојбата со очекуваното производство и планираниот откуп на пченица, род 2023 година.
Владата ја задолжи Агенцијата за стокови резерви, планираната јавна набавка на 15.000 тони пченица, за потребите на стоковите резерви, наместо во еден, да ја подели во пет лотови од 3.000 тони, давајќи предност на домашните количини пченица. Ова беше барање на подсекторската група за жито, која министерството ја поддржа и достави информација до Владата, а Владата го прифати барањето и на вчерашната седница ја задолжи Агенцијата за стокови резерви да постапи согласно барањето, со продолжен рок на набавката за дополнителни десет дена.
Исто така, за поддршка за производителите на јачмен и пченица министерството веќе креираше две нови мерки кои се предложени до Владата и очекуваме нивно усвојување на некоја од следните владини седници.
Преку Интервентната програма креиравме нова мерка со која даваме поддршка за пченицата, преку дополнителни 3 денари поддршка за продаден килограм пченица кај регистрирани откупувачи во период до 31 август 2023 година.
Преку измена на Уредбата за директни плаќања креираме мерка за дополнителна субвенција за остварено производство на јачмен во вредност од 12.000 денари по хектар, без скалесто субвенционирање. Мерката е наменета за производителите на јачмен, кои оствариле минимален принос од 3.000 кг/ха и кои своето производство го имаат продадено кај регистрирани откупувачи или складирано во регистрирани објекти, продадено на домашни фарми, или пак производството го искористиле во сопствените фарми во период до 31 август 2023 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.