Дел од скопските менувачници се соочуваат со недостиг на евра по зголемената побарувачка во изминатите неколку дена, поради што воведоа и делумни ограничувања на сумата што може да се размени, враќајќи ги граѓаните што се обидуваат да се снабдат со европската валута, како што забележа екипа на „Нова Македонија“ при обиколката на неколку менувачници низ главниот град. Од Народна банка апелираат до граѓаните да не се водат според шпекулациите и лажните вести, нагласувајќи ја стабилноста на денарот која се должи и на девизните резерви од околу 3,4 милијарди евра.

Последниве три дена во попладневните часови не можам да најдам евра во менувачниците, за да купам. Сабајлево успеав во неколку менувачници, но максимум до 200 евра. Продажниот курс е шаренолик и се движи од 61,85 до 62 денари за евро. Во банка без провизија од сметката купив 200 евра за 61,8 денари, се пожали еден повозрасен скопјанец во изјава за „Нова Македонија“.

Новинарите посетија и контактираа со неколку сопственици на менувачници. Оттаму им велат дека од вчера граѓаните почнале помасовно да менуваат денари во евра, односно да купуваат евра.

Луѓето веројатно ги подигаат своите депозити од банките, па сега ги менуваат во евра. Има мал недостиг од евра, но до крајот на денот се ќе биде под контрола. Не знаеме зошто владее ваква паника меѓу граѓаните, кога денарот е стабилен, велат за весникот од менувачница која се наоѓа во центарот на Скопје.

И менувачница во населбата Аеродром го има истиот проблем. Укажуваат дека во моментот немаат евра и не можат да ги услужат граѓаните.

Дојдете за еден час, ќе има евра. Но, ако сакате да купите до 500 евра. За повеќе нема да имаме. Почекајте до утре, додаваат оттаму.

Повеќе на „Нова Македонија



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.