Многу е важно индивидуалните земјоделски производители да се охрабрат и без страв од некаков ризик да ги започнат земјоделските активности во обработката на земјоделските површини за производство на жито, за што е потребно и државата дополнително да ги мотивира. На Македонија и е потребно секое парче земјоделско земјиште за производство на пченица. Впрочем често пати земјоделското производство било едно од носечките стопански гранки, особено во услови какви што се денешниве, пишува на Фејсбук поранешниот министер за земјоделство, Љупчо Димовски.
И во оваа прилика ќе потсетам на иницијативата од пред неколку години на земјите членки на ЕУ, особено на оние со високо развиено земјоделско производство, а произлезена од заедничката земјоделска политика за потребата од зголемување на земјоделските површини кои ќе се обработуваат, односно за зголемувањето на производството на земјоделските кутури. Потточно зголемување на производството на храна.
Напоменувам дека во ЕУ постои единствена заедничка земјоделска политика која е обврзувачка и се почитува од сите нејзини членки, што доволно говори за значењето на овој сектор на кој му се посветува особено внимание.
Секако и Република Македонија, иако сèуште неполноправен член на ЕУ, преку прилагодувањето на своето законодавство кон европското Acquis communautaire и во делот на аграрните политики требаше да ја следи политиката на зголемување на сопственото земјоделско производство. Ова е особено важно затоа што секоја земја која има земјоделско производство може самостојно да ги задоволи потребите на својот пазар, односно на населението, што значи дека таа е отпорна на надворешните влијанија, таа е незавидна и е во состојба самата да се грижи за сопствените граѓани и нивните потреби.
Воените случувања придонесоа за значително и сериозно пореметување на пазарот со земјоделските производи, односно со тешко надоместливи количини, пред сè на житарици, кои во значителен процент од светското производство, дури до 35%, се произведуваат во регионот на конфликт. Затоа е сè поочигледен недостатокот од овие земјоделски стратегиски производи. Како последица од пореметувањето на понудата и побарувачката пазарниот механизам реагира со драстично зголемување на нивната цена, односно со сè поголемиот недостаток на житарици.
Македонија е дел од заедничкиот глобален пазар и таа е подложна на влијанието на понудата и побарувачката на земјоделски производи, односно на храна. И нашата држава не е исклучок затоа што и таа како и сите останати држави се соочува со сериозни проблеми во обезбедувањето на стратегиските земјоделски култури.
Затоа мора да се дејствува во две насоки:
– Во обезбедувањето на дефицитарните земјоделски производи со увоз; и
– Во интензивирањето на сопственото земјоделско производство.
Тоа значи проширување на обработливите земјоделски површини, во зголемување на приносот по единица површина и конечно во зголемувањето на вкупното земјоделско производство.
Ова е сериозен предизвик за македонскиот аграр.
Правилните и интензивни земјоделски политики во изминатиот петнаесет годишен период во Република Македонија дадоа резултат во зголемувањето на земјоделско производство скоро кај сите култури. Со примена на добрата земјоделска пракса и современите технологии и механизација постепено и приносот бележи зголемување, а непосредната финансиска поддршка на земјоделските стопанства во одреден период ги даде и поскауваните резултати.
Меѓутоа, како пример ќе го земам полјоделството, односно производството на житните култури, изминативе неколку години се соочуваме со намалување на вкупната земјоделска обработлива површина и на вкупното производство на пченица, јачмен, рʼж или ориз.
Вкупните потреби на Република Македонија за пченица на годишно ниво изнесуваат од 310 до 330 илјади тони.
Овој индикатор е всушност клучниот проблем со кој нашата држава ќе се соочи во текот на оваа земјоделска година, па и подолго. Затоа во оваа прилика ќе потсетам на 2014 година кога Македонија произведе 335 илјади тони пченица на над 100 хектари земјоделско земјиште.
Меѓутоа, последниве неколку години земјоделските површини посеани со пченица изнесуваат околу 78 илјади хектари. Доколку просечниот принос на еднициа површина хетар изнесува околу 3,4 тони, тогаш вкупното производство на пченица ќе изнесува околу 265 илјади тони. Тоа е недостаток од најмалку 45 до 65 илјади тони. Во оваа прилика не навлегувам дали целата произведена количина на пченица се користи за човечка исхрана или значителен дел од неа, заради недоволниот квалитет (помала хектолитарска тежина, помалку протеини и слично), се користи како сточна храна. За нас во вој случај е најважно што поголемо производство на пченица, без оглед на нејзиниот квалитет.
Според податоците со кои располагам, иако сеидбените активности штотуку се започнати, до овој момент со пченица се посеани само 3.449 хектари. Очекувањата се дека и оваа година ќе бидат посеани истите површини како што биле и минатата година, со многу мали отстапки.
Мое длабоку уверување е дека оваа земјоделска година потребно е зголемување на активностите од страна на индивидуалните земјоделски произведувачи, помалите земјоделски стопанства, но и големите земјоделски системи да се посветат на обработување на што поголема земјоделска површина посеана со пченица. На тој начин многу е битно во што поголем процент да ја обезбедиме потребната количина за задоволување на домашните потреби.
Многу е важно индивидуалните земјоделски производители да се охрабрат и без страв од некаков ризик да ги започнат земјоделските активности во обработката на земјоделските површини за производство на жито, за што е потребно и државата дополнително да ги мотивира. На Македонија и е потребно секое парче земјоделско земјиште за производство на пченица. Впрочем често пати земјоделското производство било едно од носечките стопански гранки, особено во услови какви што се денешниве.
Што се однесува на висината на откупната цена сметам дека оваа година и производителите и особено откупувачите е потребно да бидат свесни дека, со оглед на приликите и берзантските движења на цената на меркантилната пченица, но и проценката на вкупната намалена понуда, нужно нејзината висина во целост да ги исполни очекувањата на земјоделските произведувачи со правилно, праведно и чесно вреднување на нивниот труд и производ, за што е потребна и поддршката од надлежните институции.
Воедно, потребно е иницирање за враќање на одгледувањето на сончогледот или обновување на организираното производство на шеќерната репа, со што преку нивната преработка би се задоволиле потребите на домашниот пазар преку преработка и домашно производство со масло за јадење и шеќер.
Како залог за обезбедување на услови на стабилно земјоделско производство и во следниот период и задоволување на домашните потреби со сопствено производство.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.