Владата ја носи Македонија во енергетска неизвесност. Во земјава се плаќа гас по цени и до 1950 евра за 1000 нормални метри кубни, а просечната цена по која е набавуван од почетокот на грејната сезона е 1560 евра, истакна на денешната прес-конференција Гордана Димитриеска Кочоска, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Во продолжение интегрален текс од прес-конференцијата на Димитриеска Кочоска:
ВМРО-ДПМНЕ понуди позиции и контакти кои се во можност да обезбедат гас за Македонија по поволни услови за државата.
Ова е документ од компанијата трговец со енергенси, регистрирана во Швајцарија даден до ЕСМ продажба, од кој се гледа цената на и количината која била понудена. Цената за 1000 нормални метри кубни гас која е понудена до ЕСМ е 850 евра. Оваа цена е фиксна и важела за период од ноември до крајот на април, за испорака на над 200 милиони кубни метри гас.
Цената понудена од контактот даден од ВМРО-ДПМНЕ е за неколку стотина евра пониска од берзанската. Истата овозможува сигурност и предвидливост и за државата и за економијата и би не штитела од евентуални потреси на пазарот на енергенси во зимскиот период кога цените поучени од минатата година може да одат и над 3.000 евра за 1000 нормални метри кубни гас.
Наместо да ја прифати можноста да се набави гас поефтин од берзанските цени за неколку стотина евра, владата продолжи да купува скап гас заради лични бизнис интереси.
Очигледно е дека СДС заради инает и политичка незрелост, не ја прифатија помошта од ВМРО-ДПМНЕ, плашејќи се дека целосно ќе излезе на површина нивната неспособност. На еден или друг начин нивната неспособност излезе на површина, само граѓаните на Македонија се тие кои страдаат и од чии пари се плаќа скапиот гас, скоро двојно поскап од тој што можеше да се купи доколку СДС и Ковачевски ја тргнеа на страна својата суета.
Нема оправдување за Владата на СДС кои свесно ја донесоа Македонија во положба да губи милиони евра неделно, само заради нечија суета и инает.
Договорот кој е понуден од фирмата трговец со енергенси е класичен ЕФЕТ договор, договор кој го користат сите фирми кои тргуваат со енергенси во ЕУ, и истиот е заштита и за државата бидејќи претставува европска пракса.
СДС и Ковачевски само заради политичка суета, од страв дека од авион ќе се гледа нивната неспособност, не ја прифатија помошта и можноста, која ВМРО-ДПМНЕ не ја понуди заради нив, туку заради народот и компаниите кои се мачат да преживеат.
СДС и Ковачевски немаат државотворен капацитет и не можат да го стават државниот над партискиот и личен интерес, затоа потребни се промени и Влада на ВМРО-ДПМНЕ која ќе ја направи Македонија енергетски стабилна држава, која нема да има потреба од скап увоз на струја.
АД ЕСМ реагира на наводите на ВМРО ДПМНЕ дека АД ЕСМ не сакала да потпише договор за набавка на природен гас со фирмата предложена од Христијан Мицкоски.
Тврдењето дека Владата ја одбила помошта од ВМРО-ДПМНЕ за набавка на гас по цена од 85о евра, прв го објави потпретседателот на партијата Александар Николовски, а денес на истата тема на прес-конференција зборуваше и Гордана Димитриеска Кочоска, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.
ЕСМ во реакцијата наведува дека посочената фирма никогаш не доставила комплетна документација и не ги приложила потребните референци задолжителни за сите понудувачи. Со фирмата, велат од ЕСМ, беше потпишан само првичен EFET договор, кој е стандарден договор меѓу страните на европскиот пазар за енергенси, а кој е невалиден без дополнително доставена конкретна понуда на количини, потекло, испорака и банкова гаранција. Наведената фирма, како што се додава, била директно контактирана од одговорни лица од АД ЕСМ, повикувана на неколку огласи за набавка на природен гас и се правеле обиди да се дојде до комплетна понуда која може да се разгледа согласно објавата за набавка.
„До поднесување на комплетна понуда не дојде, а дополнително бевме известени и дека за еден одреден период фирмата воопшто не е во можност да испорача гас. Од погоре наведените причини, сметаме дека е недозволиво висок партиски функционер од опозицијата да изнесува неиздржани наводи, особено во ситуација кога АД ЕСМ, соочена со менаџирање на енергетската криза со електрична и топлинска енергија, одвои време и ресурси за сериозно да и пристапи на наведената фирма, која како што покажа времето, не била сериозен предлог од страна на опозицискиот лидер.
АД ЕСМ сериозно забележува на обидите да се изнесуваат извртени информации кои не ги прикажуваат точно настаните што се случиле.
Апелираме до претставниците на политичките партии да не го вовлекуваат АД ЕСМ во невистинити искази при своите јавни настапи, и со тоа да ги омаловажуваат трудот и жртвата вложени од сите вработени кои деноноќно работат за да обезбедат електрична енергија и топлинска енергија за граѓаните и целото општество, во услови на енергетска криза со каква досега не сме се соочиле како регион, и пошироко во европски рамки“, се наведува во реакцијата на ЕСМ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.