Внимателно ја следиме состојбата во Украина, нормално е да постои ризик меѓутоа имаме многу мал, незначителен сегмент на соработка така што од тој аспект ризиците се минимални односно незначителни, оцени денеска директорот на Дирекцијата за ТИРЗ Јован Деспотовски.
Очекувам дека ризиците ќе имаат свои негативни последици, меѓутоа повторно на крајот на годината ќе имаме раст не само на извозот, туку и на бројот на работни места и на платите заради фактот што дел од новите капацитети коишто почнаа со градба минатата година ќе почнат со производство оваа година. Тоа ќе придонесе да се намалат дел од овие ризици за негативните последици за кои немаме големо влијание, рече Деспотовски во одговор на новинарско прашање пред почетокот на на панелот на тема „Иницијатива за изработка на нова Методологија за државна поддршка за поттикнување на инвестиции“.
И минатата година имавме доста ризици, додаде, но сепак обемот на производство во ТИРЗ се зголеми, успеавме да одржиме стабилен број на работни места, платите продолжија да растат, се преземаа одреден сет на дополнителни мерки за поддршка на самите компании.
Виктор Мизо, претседателот на Асоцијација на странски компании со технолошко напредно производство истакна дека ситуацијата во Украина има апсолутно има влијание врз автомобилската индустрија.
Она што се случува во Украина навистина влијае на целиот процес на активна работа на компаниите кои се таму, но истовремено од логистичка гледна точка речиси е невозможно репроматеријали да влезат тили да излезат од таму. Од понеделникот неколку големи производители, пред се „Фолксваген“, „Шкода“, „Ауди“, „БМВ“ веќе најавија целосно затворање на нивните производствени процеси не само во Германија, туку и на други локации низ Европа каде што ги произведуваат своите возила бидејќи дел од компонентите доаѓаат од Украина – изјави Мизо.
Нагласи дека и од нивните клиенти веќе имаат најави дека ги затвораат капацитетите од една до две недели.
Колку долго тоа ќе трае директно ќе влијае она што ќе се случува во Украина, но истовремено мора да се земат во предвид и другите индиректни потенцијални влијанија. Цената на енергенсите се зголемува, инфлацијата сакале или не ќе трае подолго отколку што беше планирано. Покрај тоа, ваквото воено дејствие ќе влијае и на купувањето нови возила во Западна Европа, а истовремено во оваа ситуација не можам да кажам што ќе се случува со пазарите во Русија и Украина каде што се продаваа над 1,5 милион возила годишно – рече Мизо и додаде дека некои компании веќе целосно престанаа да испорачуваат свои возила за рускиот пазар.
За минатата година порача дека имаше најниска продажба на возила во Европа откога се води статистика.
Пред да се случи ова во Украина плановите за оваа година беа дека во Европа растот на производство и продажба на возила ќе биде некаде околу 8 проценти споредено со минатата година што е многу далеку во споредба со 2018 и 2019 година кога бевме на високо ниво. Најголем дел од компаниите од автомобилската индустрија, без разлика дали се тука веќе 10 години или три години, минатата година имаа пад меѓу 20 и 30 проценти од планираното. Но, некои кои се компании во раст пораснале во споредба со 2020 година, но многу помалку отколку планираното, а оваа година гледаме дека веќе ризиците се големи – оцени Мизо.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.