Вообичаено утро во Скопиа. Мириса на бензин, на лоша ракија од претходната вечер, испотени подмишки, а по тротоарите итаат недоспани лица околу чии очи уште се гледаат трагови од размачканата ноќна шминка. Во градите ми е лошо од сето тоа, но стомакот се буни и ме влече, каде, ако не во бурекџилница, пишува во својата колумна за „Денешеен“ Дарко Јаневски.
–Добар ден – велам.
–Добар ден, господине – ми возвраќа продавачката.
–Осмина бурек со месо – порачувам.
–Не може – ми вели продавачката. –Не сечеме осминки веќе!
Се чудам, па прашувам:
-Како тоа не сечете? Осминки се сечат откако постои бурекот, а сега вие…
-Видете господине. Се е поскапено. Поради тоа ние ги покачивме цените на бурекот, а ја намаливме големината на питата. Така што, сега, четвртинката е осминка, а осминката, ако ви ја исечам, нема ни да се гледа. Затоа и не ја сечеме. Нејзе ја ставаме во симит погача.
-Значи вие измисливте нова математика кај дропките. Досега една четвртина беше различно од една осмина, а сега кај вас тие се еднакви – мудрувам.
-Господине, не ни заблагодарувајте нам. Кога килограм леб може да е еднаков на 300 грама, тогаш може и четвртина бурек да е еднаква на осмина и тоа за повеќе пари. А, ако ви се паметува многу, си имате влада, министерство за наука, па видете таму. Јас сум само продавачка на бурек и симит погачи.
-Па добро дајте ми симитка – велам.
Продавачката го лизнува прстот, зема хартија, со хартијата зема една кифла, ја пресекува на половина и ми ја подава.
-Ова ви е симит? – прашувам. -А каде е бурекот во него?
-Па ви реков, во него ставаме осминка. Бидејќи осминката не се гледа, не можете ни да ја видите. Инаку, еве гледате – се е по пропис – сакавте кифла, пресечена на половина, мека и бела како памук, бурек кој го има и го нема во нејзе во исто време – недостига уште да дадете 50 денари и се е во ред. А, да, и да ја земете фискалната за скенирање. И може да ја земете и оваа од претходниот муштерија. Јас го исполнив лимитот.
-Добро – велам – дајте ми тогаш една симит погача и четвртина со месо.
-Е, немаме со месо. Месото го исфрливме. Сега наместо месо ставаме соја. Додуше и порано стававме по малку, ама сега…
-Па зошто пишува бурек со месо?
-Тоа му е уметничко име! Да ја задржиме традицијата и да ве потсетува на минатото. Впрочем, и бурекот со сирење со години не е со сирење, туку со урда, па го нарекуваме бурек со сирење. И не ви пречи, нели? Патем, тој стомак сигурно не ви е од брокули. Туку е од теста.
-Па добро, ама урдата барем е слична на сирењето. Меѓу сојата и месото има поголема разлика, нели? – велам.
-Да ама сојата е поздрава. А месото што го стававме во бурекот и онака беше… ај да не кажам што. Вака барем знаете што јадете – чиста соја.
-Добро, ама тогаш треба да се нарекува бурек со соја, а не бурек со месо. Ќе бидете единствени на Балканот и во светот – бурек со соја. Ќе станете познати. Вака, тоа е измама.
-Измама? Ха, господине, и тоа што го земаме на први се вика плата, па не е плата туку милостина. И никој не се буни зошто милостината се вика плата. И Македонија не се вика Македонија, па никому ништо. Избрусена е, плус со табла дека до половина е грчка, а од половина е бугарска. И тоа на два јазика, македонски и албански, од кои вториов наскоро ќе се отцепи. А, вие за еден бурек со соја, кој се вика бурек со месо, сте се фатиле. Еве и јогуртот се вика јогурт, а пиете прашок со вода, па што? Одете во Арачиново! Таму сметките за струја, сметки ли се? Не се. Оној пајакот што ја удри цајканката кај Мавровка, пајак ли беше…?
-Добро, добро – ја прекинувам, оти доста ми е од утринско паметување. Плаќам и си заминувам. Сакав да и дадам 20 денари кои некогаш вределе како сега 50, ама кој ќе се расправа. И онака, се отишло… таму каде што отишло.
Поминувам крај трафика и ги гледам насловните страници на весниците кои не се весници, по примерот од осминката која одамна не е осминка, и таму стои дека инфлацијата се вивнала до 18,7 отсто. Хммм, кај мојот бурек и кај симитот инфлацијата е 100 отсто, ама пак, од каде јас да знам. На гробишта инфлацијата е 25 отсто – толку мртви повеќе имаме секоја година откако почна ковидов и откако почнавме да му плескаме на Филипче.
Така, додека едни блескаат, други се повеќе умираат и создаваат уште едно математичко чудо – круг кој нема крај. Круг на дупки од два метра со мртовци на чии вконаченте лица се уште се читаат псовки и круг на богаташи. Овие вториве – олигарсите, криминалците од политиката и гробарите се се’ побогати и поздрави, а „неговото височество“ гласачот, кој на секои четири години добива бакшиш зејтин за неговите да имаат за кандилото – се посиромашен и поболен. И помалуброен.
Народот има се помалку пари, а тоа значи помалку храна и помалку лекови. Му остануваат таман толку колку да се платат оние неколку даски од кои гробарите склопуваат сандак врз чиј поклопец ќе мезат ќебапчиња со шприцер од бакшишот добиен од ужалената фамилија. Впрочем есен е, телата во сета природа полека се гаснат, па така и кај луѓето, освен на оние одбраните.
Со тоа што природата на пролет ќе воскресне, а оние кои навреме си го платиле сандакот, ќе почекаат.
Но, во сета таа тмурнина има и нешто светло. Ете, Заевци донирале 15 перики за онколошки болните жени, Филипче, оној со чиј несебичен труд имаме инфлација од 25 отсто трупови, побрза да го пофали својот идол на фејсбук, ВМРО, се разбира, ќе одржи прес конференција, а оној со исушената рака од Димитрови продолжува да не брани од Бугарија. И некако, кога сето ова ќе ви падне на памет, душата ви доаѓа на место. Па макар немале ни за осминка која веќе не е осминка. Нели?
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.