Државата не ги ни спомнува, а граѓаните немаат пари да ги платат пелетите за греење откако нивната цена се зголеми 100 проценти во однос на лани. Додека власта ја регулира цената на електричната и топлинската енергија, цената на пелетите се формира слободно на пазарот и во моментов оди само нагоре. Субвенции на цената на пелетите нема да има, па така граѓаните што го користат еколошкото греење на пелети очигледно ќе имаат една од најскапите грејни сезони.

Ако минатата година пред грејната сезона една вреќа од 15кг пелети чинеше 190 денари во моментов се продава 370 денари, а се очекува да поскапат уште повеќе до септември.

Пресметките велат за 100 метри квадартни за грејната сезона се потребни околу 3 тони пелети или три палети. На една палета има 70 вреќи пелети што значи дека лани за три тони пелети едно семејство платило 39.900 денари додека годинава ќе плати 77.700 денари. Ако се поделат на 6-те месеци грејна сезона, еден месец лани чинел 6.650 денари, додека претстојната сезона ќе чини 12,950 денари.

За оваа година во Буџетот на Министерството за економија не се предвидени посебни средства за печки на пелети.

Министерството за економија на почетокот на 2022 година донесе Програма за промоција на обновливи извори на енергија и поттикнување на енергетската ефикасност. Оваа програма за 2022 година има за цел да поттикне и да ги поддржи граѓаните во инсталирањето на фотонапонски електроцентрали на кров. За таа намена се предвидени 30 милиони денари. Надоместоците ќе бидат 30% од вкупната нвестиција, но не повеќе од 62000 денари – велат од Министерството за економија.

Официјална статистика засега нема колку граѓани го користат овој енергенс за загревање на домовите. Сепак, откако беше воведен наиде на голем интерес кај граѓаните особено кај семејствата што живеат во куќи, во помалите градови каде што нема парно греење и кај пензионерите поради едностаниот систем на функционирање.

Пелети има од домашно производсвто, но најмногу се увезуваат од соседните земји. Сепак, освен што нивната цена расте, се очекува да има и недостиг на пазарот бидејќи некои од фабриките во регионот се затворија.

Еден тон пелети во магацините во Србија чини 320 евра, што е двојно повисока цена од лани. Дополнително, Босна и Херцеговина го забрани извозот на тој енергенс 90 дена, што дополнително може негативно да се одрази на домашниот пазар. Според пишувањата на медиумите, за поскапувањето придонел и пожарот во фабриката за пелети „Јела Стар“ во Коловрат кај Пријепоље.

Сопственикот на фабриката за пелети „Bioenergy point“ и претседател на српскиот деловен клуб Привредник, Зоран Дракулиќ вели дека има информации оти годинава компанијата Србијашуме склучила 50 отсто повеќе договори од планот за индивидуални фирми.

Извор: Пари.мк



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.