Цената на горивата за два дена двапати се зголеми. Во понеделникот согласно новата одлука на РКЕ, бензините поскапеа за 5,5 денари, а дизелот за десет денари. Со новата одлука на Регулаторна донесена вчеравечер, горивата од полноќ повторно се продаваат по повисока цена, цените на бензините се зголемија за 3,5 денари, а дизел горивото поскапе за 8,5 денари.

За два дена, цената на бензините поскапе за 9 денари, а дизелот се продава по повисока цена од 18,5 денари.

Ова се актуелните цени на горивата во Македонија:

Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95- 93,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98- 95,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V)- 94,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 90,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 59,165 (денари/килограм)

Од РКЕ велат дека ваквото зголемување се должи на зголемувањето на цените на светските берзи кај нафтените деривати, но и зголемување на курсот на доларот во однос на денарот.

Како дел од пакетот мерки кој го донесе вчера Владата, се намалува и стапката на ДДВ на 10 проценти за дизел, безоловен бензин, гасно масло, течен нафтен гас (ТНГ) и метан, како и акцизата врз основа на берзанските цени.

За да се применат дел од мерките ќе се менуваат законите за акцизата и за ДДВ, а како што порача премиерот Димитар Ковачевски, сите пратеници имаат одговорност и обврска пред граѓаните за да бидат изгласани. Измените на законите, според најавите од премиерот, уште денеска ќе се најдат пред пратениците.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.