Бугарската авиокомпанија „Гуливер“ престана да продава карти за летот Софија – Скопје од 21 мај, објави порталот „Екс ЈУ авијација“.

„Гуливер“ го одржуваше летот Софија-Скопје со турбопропелерски авион АТР 72-600, кој е со капацитет од 65 седишта Летовите беа во понеделник и сабота, во 5 часот наутро.

Авиолинијата Софија – Скопје беше најавена со фанфари, како „отстапка на бугарската страна“ и исклучително важен билатерален проект за поврзување на двете земји. Големиот проект на тогаш новиот бугарски премиер Кирил Петков беше прва од мерките за градење доверба меѓу двете земји. Во најавата Петков рече дека авиолинијата ќе биде „компромис од бугарската страна во преговорите со Македонија“, бидејќи тие ќе ја финансираат.

Авиолинијата почна да функционира на 26 март откако ревијално во февруари летаа министрите за транспорт и врски на двете земји Благој Бочварски и Николај Сабев и со бугарски туроператори.

Ова е четврти обид да се воспостави редовна авиолинија меѓу главните градови на Македонија и Бугарија, а претходните три беа неуспешни поради нерентабилност на линијата. И сега експертската јавност се соменваше во исплатливоста на оваа линија, со оглед што интересот е многу мал.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.