Владата му одобри повеќе од 11,5 милиони евра буџетски пари на АД ЕСМ за справување со кризната состојба. Овие пари ќе легнат на сметката на компанијата по помалку од три месеци откако на Електрани на РМ им беа префрлени 50 милиони евра.

Со оваа одлука се одобруваат финансиски средства во износ од 700.000.000,00 денари на Акционерското друштво за производство на електрична енергија, Електрани на Македонија, во државна сопственост, Скопје. Средствата од член 1 од оваа одлука ќе се обезбедат од Буџетот на Република Македонија за 2022 година, се вели во одлуката која е извршена со префрлање на парите на сметката на ЕСМ на 30 ноември.

Инаку пред помалку од три месеци на ЕСМ му беа префрлени 3,1 милијарди денари, односно околу 50 милиони евра. Претходно на почетокот на годината, во првите два месеца,  јануари и февруари, Владата во неколку наврати на ЕСМ и префрли речиси 80 милиони евра. Во текот на ноември ЕСМ Продажба од Владата доби посебни 7,7 милиони евра за обезбедување на субвенционирана електрична енергија за компаниите од прехранбениот сектор, училиштата и водоводните претпријатија.

Збирно тоа би значело дека оваа година веќе се потрошени 150 милиони евра буџетски пари за енергетската криза со електричната енергија. Во оваа сума не влегува ланската помош од државата со почетокот на енергетската криза, а не се пресметани ниту средствата кои ЕСМ ги доби за обезбедување на снабдување со топлинска енергија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.