Вицепремиерот задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи вели дека усогласувањето на платите ќе се направи преку дијалог и преговори, исто онака како што беше постигнат договор меѓу социјалните партнери за зголемување на минималната плата.

Имаме период од шест месеци, решенијата се на маса и тоа ќе се направи преку преговори, рече Битиќи на денешниот панел што се одржа во рамки на форумот организиран по повод 100 дена од мандатот на новата Влада.

Тој потсети дека е постигнат консензус за зголемување на минималната плата и договор за нивелирање на останатите плати со минималната плата и дека првпат има системско решение кое ќе овозможи зголемување на минималната плата во иднина.

Се постигна договор дека ќе има и нивелирање и усогласување на минималната плата, не само во приватниот сектор, туку и во јавниот сектор. Не би било коректно како Влада да кажеме дека можеме да бараме нешто од приватниот сектор, ако ние самите не покажеме доследност во примената на законските решенија. И затоа веќе на првата владина седница откако се усвои Законот за минимална плата донесовме одлука за нивелирање на сите плати во јавниот сектор до ниво на минимална плата и имајќи го во предвид членот 8 од Законот за минимална плата рековме дека периодот на усогласување ќе биде шест месеци. За жал, некои тоа го искористија за лошо и пред да започнеме дијалог за усогласување на платите во целиот јавен сектор, влегоа во активности коишто ги гледавме деновиве како што беше штрајкот во образованието – рече Битиќи.

Во однос на реализацијата на капиталните инвестиции, Битиќи посочи дека за првпат е воспоставен систем за следење на инфраструктурните проекти којшто ќе треба да помогне да се елиминираат причините за можни пречки при спроведувањето на овие инвестиции.

Веруваме дека само системското решавање на проблеми е одржливо решавање на проблеми. 30 години независност на оваа држава, а за жал се уште немаме систем којшто треба да осигура дека инвестициите и капиталните инвестиции ќе можат непречено да се реализираат – рече Битиќи.

Важно, според него, е и инвестирањето во човечките ресурси и во тој контекст спомена дека за првпат по 15 години обучени се 100 службеници од 26 институции за проект-менаџмент и фидик-правила.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.