Владините мерки и препораки за намалување на расходите на буџетските корисници не се насочени кон УПОЗ, ниту се однесуваат кон некого лично. Во нив се дадени совети што треба да направат институциите од централната и локалната власт, јавните претпријатија и акционерските друштва, изјави денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

Одговорајќи на новинарско прашање за документот што го објавија синоќа претставници на УПОЗ во телевизиско гостување, Битиќи нагласи дека сега, во услови на криза, не треба да се калкулира.

Тоа е за сите, за цел јавен сектор. Во период на криза не е период на калкулации. Таму има дадени совети што треба да направат и на централна власт и на локална власт и јавни претпријатија и акционерски друштва. Не е насочено лично кон никого. Се е начин на заштеда во овој период. Тоа не е документ и не е насочен кон УПОЗ, тоа оди во насока на креирање на методологијата и на законот за плати, така да, сеопфатно ќе се дадат резултатите – рече Битиќи.

Претседателот на УПОЗ, Трпе Деаноски синоќа покажа, како што рече, дел од мерките и препораките на Владата за намалување на расходите на буџетските корисници во кои, освен намалување за 10 отсто на платата, има уште неколку точки меѓу кои и намалување на прекувремената работа за преку 20 отсто во МВР, во Агенцијата за национална безбедност (АНБ), во Агенцијата за разузнување, како и работа од дома со ротации. За синдикалците се спорни, како што беше нагласено, и намерите на Владата за суспензија или укинување на колективните договори.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.