Заменик претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, во емисијата „Утрински брифинг“, зборуваше за актуелни политичко-економски прашања, како и за активностите на Владата поврзани со справувањето со енергетската криза к.

Во однос на стратегијата на Владата за справувањето со кризата во енергетскиот сектор, вицепремиерот истакна дека се прават максимални напори и се обезбедени финансиски средства за да се максимизира производството на електрична енергија од домашни извори и на тој начин да се заштитат домаќинствата и малите потрошувачи.

Има две главни прашања кои се однесуваат на финансиска поддршка за справување со енергетската криза. Финансиската поддршка, за производство на електрична енергија и стабилност на електро-енергетскиот систем, сметам дека е нужна и тоа се прави. Започнавме со обезбедување на финансиски средства минатата година, продолжуваме и во 2022 година и тоа го правиме за да обезбедиме снабдување на електрична енергија за секое едно домаќинство и за малите потрошувачи согласно со законските прописи – нагласи вицепремиерот, при што посочи дека второто прашање се однесува за набавката на електрична енергија кај поголемите потрошувачи, кои се најчесто приватни компании, а кај кои трошоците за набавка на електрична енергија и останати енергенси изнесуваат околу 5% од вкупните трошоци, во најголем дел од компаниите.

Битиќи се осврна и на барањата на компаниите кои се одговорни за снабдување со топлинска енергија на граѓаните на град Скопје, при што потенцираше дека Владата сериозно ги разгледа нивните барања за финансиска поддршка и овозможи користење на финансиски инструмент по поволни услови преку Развојната банка на Македонија, за да ја одржи ликвидноста на овие претријатија за време на грејната сезона.

Во врска со снабдувањето со топлинска енергија, не зборуваме дали компаниите може да испорачаат, зборуваме дали истите се ликвидни во моментот. Никој не зборува дали на крајот на годината овие компании ќе излезат во загуба, регулираната цена од Регулаторната комисија за енергетика, секако дека има одредена маржа на добивка. Во овој момент единствено дискутираме дали овие компании се ликвидни или не, за да обезбедат доволно енергенси, за да испорачаат топлинска енергија кон граѓаните. Во однос на нивните барања, ние реагиравме брзо, креиравме нова кредитна линија преку Развојната банка на Македонија, на компаниите е да ги обезбедат соодветните гаранции за да може да ги користат средствата од кредитната линија. Не можевме да направиме исклучоци и да обезбедиме директна финансиска поддршка на овие компании, тоа не е во согласност со владеењето на правото и да обезбедуваме финансиска поддршка само за една приватна компанија. Владата е тука да создаде услови да се обезбедат јавни услуги за секој еден граѓанин, без разлика дали станува збор за услуги од централно или локално ниво или од приватни компании – подвлече Битиќи.

Тој се наврати на стратегијата за енергетика на Република Македонија и посочи дека Владата донела долгорочна стратегија, со која во наредните 20 години се планираат сите активности во електро-енергетскиот сектор, вклучително и активности поврзани со работењето на термо електраните, хидро електраните, но и инвестиции во обновливите извори на енергија, за одржливост на енергетскиот систем, но во овој момент мора да се реагира интервентно за да се обезбеди доволно електрична енергија од домашни извори.

За справување со кризата во енергетиката, а во насока да обезбедиме што е можно поголема количина електрична енергија од домашно производство, по подолго време ги ставивме во функција двата котли на ТЕЦ Неготино, како едно нужно решение, иако не е најеколошки исправно, но со капацитет од 180 мегавати помага во намалувањето на дисбалансот на побраувачката на електрична енергија. Ставени се во функција и ТЕЦ Осломеј, когенеративната електрана Когел функционира и два блока на РЕК Битола, третиот блок овие денови треба да почне да произведува. Ставени се во функција сите капацитети на нашата држава, за да осигураме електрична енергија, ова се нужни решенија за овој момент, но сите граѓани треба да знаат дека ние размислуваме стратешки и до крајот на декември 2021 година, Владата имаше одобрено инвестиции од над 1 милијарда евра во обновливи извори на енергија – подвлече Битиќи и нагласи дека со активностите на Владата се обезбедува електрична енергија за домаќинствата и малите потрошувачи кои учествуваат со околу 70% од вкупната потрошувачка на електрична енергија во земјата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.