Со домаќинско управување со енергетската криза мора да се следи што се случува на пазарот и ако на пазарот има електрична енергија чија берзанска цена е пониска од производствената, недозволиво е да се произведува со повисока цена. Токму затоа се прави привремен увоз на електрична енергија, порача денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
Уверуваме дека ќе имаме доволно електрична енергија до крајот на годинава. Тековното работење не треба да ги засега сите затоа што на крајот на денот енергетскиот биланс ќе биде тој којшто го кажавме пред некој месец со планот до крај на годината. Од јануари ќе гледаме како ќе продолжиме понатаму, но и претходно сме докажеле дека тоа што ќе го ветиме, го испорачуваме – рече Битиќи во одговор на новинарско прашање пред почетокот на Балканскиот економски форум во Скопје.
Посочи дека нема да има поголем проблем со електричната енергија и нагласи дека се прават сите подготовки за во декември да почне производството со сите расположливи домашни капацитети.
ТЕЦ Неготино е во процес на ремонт, но неговата производна цена на електричната енергија е повисока од берзанската цена и немаше логика да произведува дури и да беше во можност да испорачува електрична енергија – укажа Битиќи.
Во врска со кампањата „Штеди струја“ истакна дека финансиските средства за нејзино спроведување не се од Буџетот, туку од општествено одговорни компании.
Мислам дека воопшто нема да ја чини државата затоа што општествено одговорните претпријатија соодветно постапуваат во период кога треба да се повика на штедење. Не знам дека на Влада имаме одобрено финансиски средства за тоа и затоа мислам дека е битна пораката која се испраќа со кампањата – посочи Битиќи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.