Заменик претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, се обрати на годишната конференција на Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ) на која се дискутираше на темата „Предизвиците на компаниите во Република Македонија, при обезбедување на работна сила во ерата на глобализација и дигитализација”.

Во неговото обраќање, вицепремиерот Битиќи рече дека предизвиците на нашите компании при обезбедување на работна сила во ерата на глобализација и дигитализација, претставува проблем кој веќе го имаме детектирано, и дека истиот е една горчлива реалност за целиот Западен Балкан, но и за Европската Унија.

Од недостиг на работна сила трпи и самата Европска Унија, бидејќи во анализата објавена неодамна од „Институтот на европските синдикати“, во периодот 2019-2022 година е забележан рекорден недостиг на работна сила во Европа, а како причина се наведени ниските плати и условите за работа. Само минатата година, четвртина од бизнисите во ЕУ пријавиле проблеми со производството како резултат на недостиг на работна сила“, рече Битиќи.

Вицепремиерот Битиќи се осврна и на покачувањето на платите како механизам за задржување на работната сила, но посочи дека колку и да ги подигнеме стандардот и платите, нема да можеме да се натпреваруваме со најразвиените земји од ЕУ кои секогаш ќе понудат повисоки плати од тие што ние можеме да ги понудиме како држава.

Бројките што ќе ви ги соопштам можеби изгледаат парадоксални и контрадикторни, но тука е генезата на проблемот на нашите компании во наоѓањето работници. Во Агенцијата за вработување во моментов има неколку илјади слободни работни места, додека во истата Агенција се регистрирани над 115.000 невработени, контрадикторни бројки на прв поглед, но реалноста е дека овие невработени лица не се обучени за професиите што ги бара пазарот на трудот“, рече Битиќи.

Во неговото обраќање, вицепремиерот Битиќи рече во неговите јавни настапи последниве неколку месеци во својство на вицепремиер, ја начна дебатата за либерализација на пазарот на труд преку зголемување на квотите за странски работници кои во моментов се ограничени на 5.000, но оваа мерка не може да биде долгорочно решение, бидејќи за Владата грижата за нашите граѓани е во прв ред.

Работната сила мора да се обезбеди на прво место од домашни ресурси, од нашите сограѓани кои се невработени, но за жал нивните вештини и знаењата не соодветствуваат со потребите на пазарот на трудот, па оттука, преку оперативниот план за вработување, Владата во различни форми цели кон нивна понатамошна квалификација и преквалификација, да ги оспособи за да ги задоволат потребите на пазарот на трудот“, рече Битиќи кој додаде дека преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите, Владата ги стимулира компаниите да ги зголемат платите со тоа што на компаниите им нуди враќање на 20% од платите кои изнесуваат над 4.400 евра годишно по лице.

„Младите денес бараат работа и повисоки плати за да не ја напуштат земјата, додека нивната иднина е во четвртата индустријализација која нуди квалитетни работни места, а тоа се вештачката интелигенција преку учење роботика, дигитален маркетинг, сајбер безбедност, мехатроника, роботика, како идните професии кои ќе се бараат на пазарот на труд. Неопходна е соработка ова да се вметне во формалното и во неформалното образование бидејќи дигитализацијата донесе нова ера, појава на нови технологии и алатки кои бараат специфични вештини и знаења“, рече вицепремиерот Битиќи и порача дека во дигиталната ера, компаниите мора да го надминат јазот со инвестирање во обука и развој, за да бидат во чекор со најновите трендови и технологии за привлекување и одржување на квалитетниот работник.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.