Додека владата подготвува удирање на камен темелник на Коридорите 8 и 10 Д, опозицијата најавува одговорност и казни за учесниците во скандалите со 22 милионскиот тендер за надзорот врз тој проект.
Премиерот Ковачевски рече дека ќе побара уште еден брифинг на двоецот Рустеми-Бочварски за новинарите кои прашуваат како веќе е закажан камен темелникот на овој инфраструктурен проект од 1,3 милијарди евра иако не е испланиран или проектиран ниту милиметар од трасите.
Иако раскарани на политичкиот фронт, и Ковачевски и Мицкоски сметаат дека проектот е историски, но имаат различно гледање на спорниот надзор.
За опозицијата е спорно што до скоро фирма за кроење гаќи сега со балкански експерти ќе го крои надзорот на овој прескап проект.
Но бидејќи Бехтел-Енка го води американска компанија, која според Мицкоски има кредибилитет, тој ветува помош доколку дојде на власт, како и обвиненија за одговорните во скандалот.
Обвинителството за гонење за организиран криминал сега веќе не ја исклучува можноста за истрага откако со недели новинарите откриваат контроверзни и криминални детали за компаниите кои треба да го вршат надзорот и да ја заштитат инвестицијата.
„Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција не ја исклучува можноста во наредните денови откако ќе ги проучи изнесените информации во медиумите, да оформи предмет и да започне предистражна постапка со цел да се испита дали постојат елементи на кривично дело и доколку постојат кој е надлежен да постапува. Воедно, напомнуваме дека секој субјект што поседува информации или докази за сторено кривично дело, има обврска да пријави до надлежното обвинителство и да го достави доказниот материјал“.
Извор: Телма
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.