Во Предлог-буџетот за 2024 година се проектирани средства за исплата на повисоките плати за вработените во јавната администрација, за исплата на повисоки пензии согласно утврденото системско решение, но нема да има повисоки плати за функционерите. Ова го истакна министерот за финансии Фатмир Бесими во интервју во Централниот дневник на МРТ.

За она што е предвидено со потпишаниот Општ колективен договор, со кој од септември оваа година платите на сите вработени во јавниот сектор се зголемени за 10%, се обезбедени средства во Предлог-буџетот за 2024 година. Исто така исплата на К-15 кое оваа година е во износ од 10.000 денари, а наредната во износ од 30% од просечната нето-плата. Она што не е планирано во Предлог-буџетот се средства за раст на платите на функционерите – рече министерот Бесими, кој посочи дека за исплата на зголемените плати се обезбедени дополнителни 160 милиони евра.

Тој додаде дека она што беше важно во услови на инфлација е да се одржи нивото на платите и да се заштити стандардот на граѓаните и веќе од април има реален раст на платите, бидејќи имаме раст на платите, а инфлацијата е едноцифрена.

Исто така, посочи дека повеќе средства се обезбедени и за исплата на пензиите согласно законските решенија.

Кај пензиите воспоставивме системско решение кое гарантира раст на пензиите. И пензионерите ќе го добијат во 2024 година она што следува согласно Закон, односно усогласување согласно растот на просечната плата и растот на трошоците на живот, односно инфлацијата – наведе министерот за финансии.

Се осврна и на Програмата за претпазливост и ликвидност од ММФ која, како што рече, имаше позитивно влијание врз кредитниот рејтинг на земјата. Досега се искористени 100 милиони евра и во процес на одобрување е нова транша од 160 милиони евра. Тоа се средства, како што посочи министерот, кои овозможија финансирање со пониски трошоци и заштеда од 30 милиони евра годишно само по основ на камати.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.