Буџетирањето ќе се врши според резултатите и мерењето на нивната успешност преку индикатори (Key Performance Indicators), предвидува новиот Закон за буџети, којшто минатата недела беше усвоен од страна на Собранието.
Според министерот за финансии Фатмир Бесими, буџетирањето базирано на резултати има за цел да осигура дека клучните носители на одлуки и креатори на одделни политики систематски ќе ги земат предвид резултатите што треба да се постигнат со реализација на расходите.
– Преку буџетирањето врз основа на резултати, односно успешност, ќе се подобри ефикасноста и ефективноста на јавните расходи. За да може истото да се реализира треба јасно да се дефинираат општите цели (поврзани со политиките), специфичните цели (поврзани со одделните програми) и резултатите кои се сака да се постигнат, односно индикаторите (поврзани со потпрограмите). Исто така, се утврдуваат и сумите потрошени на одредна цел – инпут индикатор. На овој начин ќе може на прегледен и транспарентен начин да се следи колку за одредена цел е потрошено и кои се резултатите по основ на истата, напиша Бесими во неговата најнова колумна.
Очекувањата се дека ваквиот начин на планирање ќе придонесе кон фискална консолидација и кон подобрување на реализацијата на капиталните проекти.
Со Законот за буџети се воведуваат суштински промени што се однесуваат на планирање, управување и извршување со приходите и расходите, како и фискална транспарентност и отчетност. Една од главните реформи што ги носи законот е среднорочното проектирање, односно среднорочното буџетирање и петгодишната фискална стратегија.
– Со законот се делува во насока на подобрување на структурата и содржината на буџетот и на управувањето со јавните финансиски и нефинансиски средства, вклучително и објавување регистар на јавни субјекти. Значаен дел од реформата е поставувањето на фискалните правила и фискалните принципи, како и воспоставување Фискален совет, кој треба да обезбеди независни и професионални анализи и мислења за макроекономските и фискалните претпоставки, фискалната стратегија, буџетот, извештаите за реализација на буџетот, фискалните ризици и слично. Во насока на зголемување на отчетноста на Владата, се воведува изјава за фискалната политика која, треба да ги содржи насоките за фискалната стратегија за времетраење на мандатот. Истовремено, преку подобрување на квалитетот и квантитетот на извештаите ќе се делува кон унапредувањето на фискалната транспарентност. Исто така, преку интегрираниот информациски систем за управување со јавни финансии – ИФМИС, ќе се овозможи подобро планирање и следење на реализацијата на приходите и на расходите во буџетот, посочува Бесими.
При подготовката на буџетот се воведува задолжителна јавна расправа пред тој да влезе во собраниска процедура.
– Поставивме рамка за водење здрава, предвидлива и одржлива фискална политика, како и за зголемување на буџетската дисциплина и одговорност. Со новото законско решение очекуваме фискалната политика да биде насочена кон консолидација на јавните расходи, преку постепено намалување на нивото на дефицитот, како и редизајнирање на јавните расходи преку зголемени инвестиции во инфраструктурата, истакнува Бесими.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.