Стартува реформата за унапредување на фискалната децентрализација. Законските измени и дополнувања, на кои работеше Министерството за финансии, денеска добија зелено светло од Собранието.
Реформата се состои од три столба: подобрување на фискалниот капацитет на општините и зголемување на нивните приходи, зголемување на фискалната дисциплина на општините и зголемување на нивната транспарентност и отчетност.
– Владата на Република Македонија продолжува со процесот на децентрализација, во насока на поголема демократизација, подобри јавни услуги и засилен локален развој во интерес на граѓаните. Општините се надлежни за многу важни области директно поврзани со животот на граѓаните, како образованието, социјалната заштита, животната средина, комуналните услуги и затоа е клучно да имаат стабилни финансии. Оттаму, со оваа реформа значително се засилува нивниот фискален капацитет, но и истовремено се задолжуваат на поголема фискална дисциплина, отчетно и транспарентно работење. Односно, како и секаде, со поголема моќ, доаѓа и поголема одговорност, посочува министерот за финансии Фатмир Бесими.
Со донесените измени и дополнувања, општините ќе добијат поголем удел од приходите собрани преку данокот на личен доход и данокот на додадена вредност, односно приходите на општините од данокот на личен доход кои досега изнесуваа 3 проценти, до крајот на 2022 година ќе се зголемат на 4 проценти, во 2023 на 5 проценти и во 2024 година на 6 проценти. Приходите од данокот на додадена вредност, пак, се зголемуваат од сегашните 4,5 на 5 проценти, потоа на 5,5 проценти во 2023 година за да во 2024 година е достигнат 6 проценти.
Планирано е формирање два фонда – Фонд за перформанси и Фонд за воедначување. Општините коишто покажуваат позитивни резултати и имаат повисока реализација на сопствените приходи ќе добијат средства од Фондот за перформанси, а од Фондот за воедначување ќе се обезбедат средства за општините коишто имаат пониски приходи, но кои покажуваат добри резултати во прибирањето на сопствените приходи.
– Проценките се дека двојно ќе се зголемат средствата за општините што ги добиваат по овие два основа, односно од сегашните 2,8 милијарди денари ќе се зголемат на над 5 милијарди денари до 2024 година. Она што е исклучително значајно да се спомне е дека реформата почнува веднаш, односно растот на зафаќањето од наплатените даноци ќе започне од годинава, со што општините ќе добијат повеќе средства во време кога се соочуваме со предизвиците кои ги донесе енергетската и ценовната криза, велат од Министерството за финансии.
Вториот столб од реформата е насочен кон зголемување на финансиската дисциплина на општините. За тоа се предвидени активности кои треба да водат кон реално планирање на приходите и расходите на општините, редовно сервисирање на долговите и поголема финансиска дисциплина, како и прогласување финансиска нестабилност на општините по сила на закон. Преку 10-годишна структурна обврзница, општините ќе можат да направат репрограмирање за надминување на проблемите со доспеаните, а неплатени обврски. Општините кои ќе прогласат финансиска нестабилност ќе може да користат и условен кредит од Министерството за финансии и да издадат општинска обврзница за познат купувач, односно Министерството за финансии. бак/
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.