Во текот на наредните денови на јавноста ќе и биде соопштено тоа што се размислува и што ќе се дизајнира како паркет на мерки за надминување на актуелната состојба во економијата, најави вечерва министерот за финансии Фатмир Бесими.

Сите можни интервенции за спречување на ценовните шокови се разгледуваат на Влада. Од премиерот е испратена официјална покана и утре во 17 часот во Владата ќе има средба на Економскиот совет во поширок состав. На средбата покрај министрите од економските ресори ќе присуствуваат и надворешни експерти од земјава. Тие ќе дадат свој придонес во однос на согледувањето на актуелните состојби во економијата и кои би биле евентуално можни предлози и идеи за натамошни решенија, рече Бесими во Тема на денот на ТВ Сител.

Ние, додаде, веќе работиме на можни мерки и во наредните денови од страна на Владата и премиерот ќе биде соопштено тоа што се размислува и ќе се дизајнира како паркет на мерки за надминување на актуелната состојба.

Министерот за финансии нагласи дека сега е веќе извесно дека руско-украинската криза нема да трае кратко и оти нема да заврши во наредните денови.

Продолжува неизвесноста, не знаеме колку ќе трае, но веројатно нема толку брзо да заврши. Се бараат алтернативни чекори за снабдувањето со руски гас, а и стопанствениците сами бараат начини во однос на другите производи што се увезуваат од таму, рече Бесими.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.