Финансиите се стабилни и во наредниот период се земаат предвид сите ризици за тие да останат на стабилно ниво. Во Буџетот има доволна ликвидност и реализацијата на приходите во буџетот, иако сме на почеток на годината, се согласно проекциите.

Ова го истакна министерот за финансии Фатмир Бесими во интервју за Топ тема на ТВ Телма, осврнувајќи се и на новите инструменти кои ќе бидат понудени за да се финансираат предвидените проекти преку развојни, проектни и зелени обврзници, како и обврзница индексирана со ифлација која е наменета пред се за граѓаните за да се мотивираат да инвестираат, а и да се намали сивата економија преку повелкување ќеш или заштеда, а сето тоа во рамки на законските решенија. Тоа е предвидено во рамки на домашното задолжување, додека за задолжување во странство посочи дека во Буџетот е предвидено издавање еврообврзница од 250 милиони евра, за која се следат состојбите и ќе биде издадена, како и во претходната година, кога на пазарот ќе има најповолни услови.

Средствата од задолжувањата ќе одат за капитални проекти, така што и овие обврзници се наменети конкретно проектните се за одредени проекти, развојните за капитални проекти и зелената е за проекти за зелен развој. Во однос на барањата за зголемување на платите на администрацијата што е барање на синдикатите да се усогласи со зголемувањето на минималната плата, како и за барањето за зголемување на пензиите, рече дека Владата има слух и дека преку дијалог со вклучените страни ќе се дојде до одржливо решение, како што тоа беше направено и со зголемувањето на минималната плата.

Разговорите со синдикатите за ова прашање е тековен процес и постојано се разговара. Се разговараше за минималната плата и се дојде до решение кое ќе се применува како во приватниот, така и за вработените во јавниот сектор. Ќе седнеме во наредниот период и ќе ги видиме можностите, но на прашањето треба да гледаме реално и од аспект на продуктивноста. Во овој момент не може да кажам ниту дали ќе има зголемување, ниту дека ќе нема. Она што можам да кажам е она што е планирано, а тоа е проектиран дефицит од 4,3 % од БДП и ако не оствариме проектираниот раст од 4,6%, а го реализираме буџетот целосно, тоа ќе значи дека ќе имаме поголем дефицит и дополнително зголемување на инфлацијата, рече министерот кој потенцира дека не се сите механизми исцрпени и дека штрајкот е последно решение.

Според него треба да се дојде до издржано решение, како во однос на рашањето за платите, така и за барањето за зголемување на пензиите. Во однос на прашањето за пензиите посочи дека и тоа ќе се решава преку дијалог со претставници на пензионерите и дека и тука ќе се оди со одржливо решение преку промена на методологијата.

Работиме на различни сценарија. Се прават анализи на промена на методологијата за да се најде системски одржливо решение, кое треба да се најде во подобрување на продуктивноста во економијата и со тоа и да има раст на пензиите, рече министерот Бесими.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.