Има интерес за граѓанската обврзница и до крајот на неделата се очекува да надмине 50 проценти од предвидениот износ од 10 милиони евра, вели министерот за финансии Фатмир Бесими во видео интервјуто за МИА.
Аукцијата е закажана за четврток (13 јули), а министерот Бесими посочува дека се работи за транспарентна, едноставна и поволна безризична финансиска инвестиција која нуди низа поволности за граѓаните.
Она што се очекува следната недела е првата емисија и нудиме поволни услови – пет проценти камата, рокот на доспевање е две години. Тоа значи дека граѓаните што ќе се одлучат да вложат во оваа обврзница, имаат неколку бенефиции. Прво, ова е безризична инвестиција. Второ, граѓаните ќе добијат околу пет проценти камата во однос на влогот. Една обврзница што ќе се издава на аукција е 10.000 денари и доколку некој се реши да инвестира околу 100 илјади денари на 20 јули следната година ќе има пет илјади денари принос од камата. Наредната година уште пет илјади денари што значи вкупно 10.000 денари камата за 100.000 денари – истакнува Бесими.
Преку објава на Фејсбук вчера министерот соопшти дека поднел барање за купување на една обврзница.
За МИА појаснува вели дека како Министерство писмено се обратиле до Комисијата за хартии од вредност со цел да се утврди дали има конфликт на интереси.
Во постапка сме со Државната комисија за хартии од вредност и се имаме обратено писмено со цел да разјасниме дали има конфликт на интереси. Лично од економски аспект мислам дека не би требало да има конфликт на интереси од неколку причини – постапката е транспарентна, се врши на јавна аукција, инструментот се нуди под исти услови за сите граѓани и количините не се ограничени. По дефиниција, според закон- конфликт на интереси има доколку се користи одредена јавна функција за лична корист. Во конкретниот случај, нема да има никаква поповолна позиција или корист за издавачот. Тоа е исто како некој што произведува производ на пазарот, кој како што го продава на другите, го користи и за себе. Но, сепак тоа е ингеренција на Државната комисија за хартии од вредност и очекуваме официјален одговор од нив бидејќи прашањето не е само за финансии, туку и за сите именувани и избрани функционери – вели Бесими во интервјуто.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.