– Министерот за финансии Фатмир Бесими ги завршува Пролетните средби во Вашингтон со препорака за пристап до Линијата за претпазливост и ликвидност на Меѓународниот монетарен фонд.

Како што соопштуваат од Министерството за финансии, станува збор за финансиски инструмент кој ММФ го доделува единствено на земји со здрава економија, кои имаат позитивни оценки за економските политики и очекувања дека тие ќе продолжат и во иднина, вклучително и макроекономска и финансиска стабилност.

–Во услови на глобални предизвици, кога како резултат на војната во Украина, растат ценовните притисоци, а се намалуваат очекувањата за раст на светската економија, овие средства ќе бидат значајна ликвидносна поддршка за нашата економија која има здрави перформанси. Со нив ќе се пружи поддршка за стопанството и граѓаните, односно ќе се насочат кон решавање на ценовната и енергетската криза, поддршка на стандардот на граѓаните и на економијата. Обезбедувањето на оваа линија е и во насока на заложбите на Владата за финансирање по најниски можни трошоци, се наведува во соопштението.

За време на Пролетните средби Бесими најави дека ќе се направи реструктуирање на буџетот.

-Министерот истакна дека се уште не е дефинирана прераспределбата на средства, но едно е јасно, дека тие ќе се насочат за поддршка на граѓаните и стопанството за надминување на предизвиците кои ги наметнуваат глобалните движења. Конечните проекции за БДП за 2022 ќе се знаат по завршување на анализите на Министерството за финансии, на кои се уште се работи. Во новите проекции ќе се земат предвид и најновите пролетни проекции на ММФ, кои излегоа пред неколку дена, се наведува во соопштението.

Според Бесими, на среден рок фокусот ќе биде кон постигнување одржлив економски раст, енергетска сигурност на долг рок, засилени инвестиции во човечкиот капитал, како и спроведување на структурните реформи.

Бесими, во рамки на Пролетните средби, имаше средби со високи претставници на Светска банка и ММФ, како потпретседателката на Светска банка Ана Бјерде и директорот на ММФ за Европа Алфред Камер, но и со Габриел Ескобар, заменик-помошникот на државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западен Балкан, и високи претставници на Трезорот на САД.

Во рамки на овие средби беше истакнато значењето на евроинтегративниот процес за понатамошниот развој на нашата земја, но и за стабилноста во регионот, како и за можноста за продлабочување на економската соработка и реализација на нови проекти во соработка со УСАИД и со Амбасадата на САД во земјава.

Министерот на средбата со претставниците од Трезорот на САД ја истакна и важноста од потпишувањето на Договор за заедничка промоција и заштита на инвестициите, со којшто би се овозможило зголемување на приливот на странските директни инвестиции од САД во нашата држава, стои во соопштението од Министерството за финансии.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.