Реализацијата на проектите, како и продолжување на соработката помеѓу Владата и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), беа тема на денешната средба на министерот за финансии Фатмир Бесими со директорот на ЕБОР за Западен Балкан, Матео Колангели и шефот на Канцеларијата на ЕБОР во државава, Анди Аранитаси.

Од Министерството за финансии истакнуваат дека капиталните инвестиции се еден од најзначајните приоритети на Владата и тие во буџетот за 2023 година се планирани на ниво од 790 милиони евра.

Во реализацијата на овој приоритет Владата добива значајна поддршка од меѓународните финансиски институции, а ЕБОР е меѓу најголемите поддржувачи на значајни крупни проекти за инфраструктурно поврзување, заштита на животната средина, енергетска независност и слично, што ги спроведува земјава.

Со Буџетот за 2023 година, планирано е интензивирање на инфраструктурите проекти, енергетската и комуналната инфраструктура. Меѓу приоритетните проекти, а зад чија реализација стои Европската банка за обнова и развој се железничкиот дел од Коридорот 8 кон Бугарија и патниот правец Кичево – Букојчани. Воедно со поддршка на ЕБОР во текот на 2023 ќе започне и имплементацијата на Проектот за управување со цврст отпад, за кој што Собранието даде зелено светло и се очекува негово потпишување во првата половина од јануари 2023. ЕБОР е најактивна меѓународна финансиска институција во земјава со активно портфолио во јавни инвестиции од над 800 милиони евра, од кои најголемиот дел во транспортниот сектор и тоа од над 500 милиони евра – рече министерот Бесими.

Во контекст на енергетската криза, тој додаде дека значајни се и проектите за зголемување на домашното производство на електрична енергија и одржување на стабилност во снабдувањето за граѓаните и стопанството. Од тој аспект значаен е проектот за Интерконекторот со Грција за што Владата очекува финансиска поддршка од 16 милиони евра од ЕБОР, со што се затвора финансиската конструкција за овој проект. Досега, за реализација на овој проект обезбедени се средства од Европската инвестициска банка во износ од 25 милиони евра и грант од Инвестицискиот фонд за Западен Балкан (ВБИФ) во износ од 12 милиони евра.

Од Министерството за финансии укажуваат дека поддршка од ЕБОР се очекува и во реализацијата на изградбата на гасоводните делници Свети Николе – Велес и Гостивар – Кичево.

На средбата е разговарано и за можностите за натамошна поддршка на ЕБОР на приватниот сектор преку поволни кредитни линии преку домашните деловни банки со посебен акцент на кредитни линии кои би овозможиле пристап на средства како за стопанството така и за домаќинствата во насока на зголемување на енергетската ефикасност и намалување на трошоците за електрична енергија. Министерот Бесими изрази благодарност за поддршката на ЕБОР во подготовката и имплементацијата на приоритетните проекти, како и за поддршката во напорите што нашата земја ги вложува за спроведување на реформите кои значат приближување на нашата земја до ЕУ, соопштуваат од Министерството за финансии.

Поддршката на ЕБОР во земјава датира од 1993 година и Банката досега е вклучена во 167 проекти.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.