Во наредните десет дена очекуваме намалување на цените на основните прехранбени производи, посебно на тие наведени во Одлуката за утврдување на маржите од 5 до 12 отсто. И во делот на лебот веќе почна поевтинувањето. Очекуваме во наредните 3-4 дена намалување на цените на млекото и млечните производи, а до крајот на наредната недела и намалување на цените на месните производи – соопшти денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

Како што изјави Бектеши по брифингот со новинарите, од 1 декември се очекуваат и поголеми поевтинувања, ако суровините останат со истите увозни цени.

Утре ќе се донесе дополнителна одлука со која ќе се прошири списокот на дејностите кои ќе бидат поддржани од Владата согласно барањата на Стопанската комора и целиот ланец на месната индустрија ќе биде покриен со субвенционирана електрична енергија.

Според него, преку Царинската управа се следат увозните цени.

И таму почна да има намалување, а листата на тие што ќе добијат субвенционирана струја ќе се достави до Државниот пазарен инспекторат и ќе се направат соодветните контроли. Ги повикувам потрошувачите и граѓаните, доколку утврдат дека нема намалување на овие производи согласно процентите, да пријават во Државниот пазарен инспекторат – рече Бектеши.

Тој уште еднаш напомена дека се направени сите подготовки во делот на обезбедувањето на производство на електрична енергија, посебно за зимава и за грејната сезона која трае до крајот на март.

Не очекуваме никакви проблеми во снабдувањето на потрошувачите со струја и со топлинска енергија, потенцира министерот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.