Министерот за економија Крешник Бектеши денеска соопшти дека од 1 јануари нема да има драстично поскапување на струјата и парното.
Граѓаните да бидат спокојни, порача Бектеши, зашто до крајот на грејната сезона нема да имаат никаков проблем во делот на снабдувањето со топлинска и со електрична енергија.
-Граѓаните да бидат спокојни. До крајот на грејната сезона нема да имаат никаков проблем во делот на снабдување со топлинска и со електрична енергија. Нема да има ниту драстично зголемување на цените од 1 јануари и за парното и за струјата зашто ги правиме соодветните анализи и проекции. Веќе РКЕ е подготвена со сите податоци за утврдување на цената за наредните шест месеци од идната година. Значи, до крајот на декември ќе го завршат овој процес и очекуваме да нема драстично зголемување. Поместувања секогаш се очекува да има, но тие се прават и во надолна и во нагорна линија. Треба да ги имате предвид двете опции, а дали ќе биде надолу или нагоре ќе одлучи РКЕ, а поместувањето може да биде и надолу, истакна Бектеши, одговорајќи на прашања по брифингот со новинарите.
Во врска со резервите на дизел горивото, министерот рече дека тоа се класифицирани информации кои се разгледуваат на затворена владина седница и не може да бидат јавно соопштени.
-Тоа се класифицирани информации и се разгледуваат само на затворени владини седници, а пристап до нив има само некој што поседува сертификат. Тоа не сум го одлучил јас, такви се законите. Не можам да споделам информации што се разгледуваат на затворена владина седница. ЕСМ не се крсти во тие резерви. Согласно Законот за енергетика секоја секоја топлана па и ТЕ-ТО треба да има алтернативно гориво. Моментно топланите работат на природен гас, потребите главно се покриваат од ТЕ-ТО, околу 70 отсто за градот Скопје, а другите 30 до 40 отсто се покриваат од топланите Исток и Запад. Скопјани ќе бидат снабдувани со топлинска енергија непречно, во континуитет, до крајот на грејната сезона, подвлече Бектеши.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.