Точни се информациите дека има влечење на електрична енергија од Европската енергетска асоцијација, но тоа во најголем дел е од снабдувачите за компаниите на слободниот пазар, потврди министерот за економија Крешник Бектеши на денешната прес-конференција.
Овие повлекувања не се сите од страна на ЕСМ. Повлекувањата може да се направат и од тие снабдувачи на електрична енергија кои ги обезбедуваат компаниите што се на слободниот пазар поради проекциите кои не ги направиле навремено или, пак, проекциите кои заради времето или други околности може да се случат. Овие 1 700 мегават-часа повлекување се само во недела и повеќето не се од ЕСМ, туку се главно од снабдувачите што ги обезбедуваат компаниите на слободниот пазар – истакна министерот одговарајќи на новинарско прашање.
На прашањето зошто повлекувањата на струја од Европската енергетска асоцијација не се дел од дневните извештаи на Владата за произведена електрична енергија, Бектеши објасни дека тие податоци кој трговец со струја или снабдувач повлекол одредени количини електрична енергија од мрежата може да се утврдат еднаш месечно или еднаш во два месеца.
Затоа на дневна база не се знае точно и тоа не е дел од извештајот што го подготвува Владата – рече Бектеши.
Според Бектеши, најважно е што ЕСМ се подготвени и првпат имаат резерва и во делот на трансформаторот во случај да се случи најлошото.
Тој уште еднаш потврди дека, по денешниот состанок со директорот на ЕСМ, може да увери оти сега во Македонија не се увезува електрична енергија за потребите на регулираниот пазар каде што се домаќинствата и малите потрошувачи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.