Нема да има компромис во делот на одлуките на Владата за цените на прехранбените производи. Очекуваме сите производители, дистрибутери и увозници да ги намалат цените согласно одлуката на Владата, а синџирите на супермаркети да бидат општествено одговорни и да ја спроведат одлуката, порача денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

Ние сме тука за да им излеземе во пресрет за да го зголемат производството и да станат што поконкурентни во делот на покривање на домашниот пазар, како и во иднина да станеме извозници во дел од секторите- рече Бектеши во одговор на новинарско прашање при денешната посета на најголемата млекарница во земјава „Би-милк“ во Битола.

Во однос на затворањето на објектите кои не ја почитуваат одлуката рече дека се случува генерално во големите синџири на супермаркети.

Ги немам денешните надзори, но до вчера десетина маркети во Скопје, Куманово, Тетово, Гостивар, Струга, и Кавадарци беа затворени. Најмалку до 30 ноември Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) ќе постапува согласно одлуката на Владата и согласно Законот за заштита на потрошувачите во делот на крајната заштита на потрошувачите. Целта на институциите на државата не е да ги затвораат бизнисите, но кога државата треба да биде регулатор меѓу бизнисите и потрошувачите сите во синџирот треба да ги почитуваме тие мерки. Ако граѓаните, производителите, дистрибутерите се општествено одговорни, секако дека треба да бидат и синџирите на супермаркетите. Ако не се во правна држава има други механизми – посочи Бектеши.

Нагласи дека Министерството за економија веќе прати допис за целосно почитување на Законот за заштита на потрошувачите од страна на инспекторите на ДПИ и додаде дека се подготвени на дневна основа да направат надзор на начинот на кој се прават контролите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.