Ќе направиме се што е во наша надлежност да нема драстично зголемување на цената на електричната енергија за домаќинствата, а ќе има намалување за малите потрошувачи – за микро и малите компании, посочи денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
Намалување на цената за малите потрошувачи ќе има заради тоа што веќе се стабилизираат цените за електрична енергија и за природен гас на светските берзи. Тоа дозволува ние да можеме да интервенираме за да бидат поконкурентни нашите микро и мали компании не само на нашиот пазар, туку и во регионот и пошироко, рече Бектеши во одговор на прашање пред почетокот на одбележувањето на јубилејот „90 години Занаетчиска комора Скопје“.
Нагласи дека е сигурно оти ќе има намалување на цената на електричната енергија за малите потрошувачи на регулираниот пазар.
-Веќе се обезбедени средства за тоа, а вчера помина и акцискиот план со поддршка на Европската Унија. Очекуваме кон средината на јануари да ги добиеме и средствата од ЕУ со кои ќе можеме директно да ги помогнеме микро и малите компании. Во делот на домаќинствата, граѓаните кои трошат помалку ќе плаќаат помалку, а оние кои трошат непотребно и имаат простор да трошат, ќе плаќаат повеќе и такви ќе бидат и цените, прецизира Бектеши.
Носењето на конечната одлука за цената на електричната енергија на регулираниот пазар по 1 јануари, како што кажа, е работа на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) која веќе ги прави пресметките.
Не сакам да кажам дека не ги знам податоците, но не би сакал пред РКЕ да излезам со конечните податоци. Секако дека ги знаеме и јас и премиерот и други членови на Владата, појасни Бектеши.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.