Моментално во нашата држава, 72.000 компании се на регулиран пазар и се снабдуваат со струја од АД ЕСМ. Само еден мал дел од компаниите, главно големите компании кои имаат од 1.000 до 2.000 вработени се на слободен пазар, а тоа значи дека тие се снабдуваат од одредени трговци кои се лиценцирани во нашата држава за да ги снабдуваат со електрична енергија, истакна министерот за економија Крешник Бектеши.
За време на посетата на РЕК Битола каде се одбележа Денот на рударите, министерот Бектеши ги отфрли и оцени како погрешни тврдењата на како што рече еден опозционен лидер дека државата не го субвенционира стопанството.
-Еден лидер на одредена политичка партија во опозиција вчера кажа дека во моментов не се субвенционира бизнис заедницата, односно стопанството во целина. Тоа не е точно, истакна министерот за економија Бектеши и додаде дека неговите проценки дека цената на електричната енергија за стопанството ќе биде по 235 евра за мегаватчас не се точни затоа што таа ќе изнесува 200 евра, што значи разликата е 35 евра и како електроинженер тоа треба да го знае.
Моментално во нашата држава, како што посочи, 72.000 компании се на регулиран пазар и се снабдуваат со струја од АД ЕСМ.
– Само еден мал дел од компаниите, главно големите компании кои имаат од 1.000 до 2.000 вработени се на слободен пазар, а тоа значи дека тие се снабдуваат од одредени трговци кои се лиценцирани во нашата држава за да ги снабдуваат со електрична енергија. Над 70.000 компании во нашата држава се снабдуваат како мали потрошувачи бидејќи имаат под 50 вработени и немале обрт над 2 милиони евра согласно Законот за енергетика. Тоа значи дека сите тие добиваат цена од 200 евра по мегават час, а цената на струјата на слободниот пазар, на светските берзи во пикови е над 800 евра и ако направиме споредба на 800 со 200 евра, и ако утре на пример падне на 400 евра…тогаш како може да се тврди дека нема субвенција од државата, појасни Бектеши.
Министерот за економија порача дека сега е време кога сите треба да покажат дека вистински сакаат да се штеди електрична енергија, за како што рече да го намалиме притсокот врз АД ЕСМ кој сега работи со 20 насто зголемено производство на електрична енергија.
Тој се пошегува околу набавката на гас за производство на топлинска енергија за потребите на скопјани, откако директорот на комбинираната електрана ТЕ-ТО, од која Владата очекува да обезбеди 70 отсто од топлинската енергија, изјави дека компанијата не е сигурна дали ќе може да го исполни барањето во целост, бидејќи не се знае дали ќе има гас и каква ќе биде неговата цена.
Имаме една понуда за гас, да закупиме капацитети во Унгарија и Австрија. Тие што ја даваат оваа препорака и оваа понуда, утре, тука сме ние, и во викенд можеме да работиме. Значи веднаш ќе закупиме, само да ни кажат како ќе ја донесат во Македонија. Ако природниот гас со авион може да се носи во Македонија, тогаш ние сме подготвени и тоа ќе биде голема иновативност што ќе му го продадеме на целиот свет – вели Бектеши.
Владата вчера прогласи енергетска кризна состојба и кризна состојба во снабдувањето со топлинска енергија и на тендер бара нова компанија да ги снабдува Скопјани со парно греење. Се поизвесно е дека тоа ќе бидат државните електрани кои веќе формираа три фирми за производство, дистриубуција и снабдување.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.