Министерот за економија Крешник Бектеши не очекува претстојната зима да биде потешка од минатата во делот на енергетиката и покрај новиот конфликт на Блискиот Исток кој предизвика зголемување на цените на енергенсите и воведување такса од 10 евра од страна на Бугарија за транспорт на киловат час руски природен гас низ бугарскиот гасовод.
Најави дека ќе бараат оштета од Бугарија и дополнителна поддршка од Европската Унија за воведувањето на таксата доколку не бидат ослободени капацитетите на гасоводот преку кој се снабдуваме со гас од Бугарија, бидејќи токму Бугарија до 2030 година му ги има отстапено сите капацитети на овој гасовод на руски „Гаспром“ со исклучок на капацитетите кои лани беа ослободени.
Ослободувањето на капацитетите е обврска на Европската Унија согласно начелата за целосна либерализација на пазарите. Не може да се воведе такса само за една држава. Во делот на гасоводот на Бугарија со Србија не се закупени капацитетите од страна на „Гаспром“ што значи дека Србија може да користи и други извори освен рускиот гас, а во случајот на нашата држава сами го имаат дадено целиот капацитет на гасоводот под закуп на „Гаспром“ до 2030 година, освен последните што лани беа ослободени. Затоа бараме веднаш да се ослободат капацитетите и да имаме можност и ние да бидеме снабдувани и од други извори за потребите што ги имаме, вклучително од Азербејџан или ЛНГ терминалите, изјави Бектеши.
Капацитетите на гасоводот, како што посочи Бектеши, не се закупени од „Гаспром“ на нашата територија, туку на територија на Бугарија која воедно е и територија на ЕУ.
Затоа доколку не се ослободат капацитетите ќе бараме оштета од Бугарија и дополнителна поддршка од Европската Унија за воведувањето на таксата, рече Бектеши во одговор на новинарско прашање на паузата на бизнис настанот SUBEX – Suppliers Balkan Expo што денеска и утре се одржува во Скопје во Скопје во организација на Делегацијата на германското стопанство во Македонија (АХК).
Бектеши рече дека додека е министер за економија нема да прифати никаква уцена од никоја држава во делот на снабдување и загрозување на енергетската безбедност на државата.
Да уцениш држава е неприфатливо и е спротивно на начелата на работа на Европската Унија, а Бугарија е членка на ЕУ и веднаш треба да ги укине таксите не само кон нашата држава, туку и генерално бидејќи се неприфатливи во ЕУ. Ни кажаа дека ќе направат напори да ги ослободат капацитетите и ја очекуваме нивната одлука. Во случај да не ги ослободат капацитетите, ќе ги користиме моменталните капацитети што ги имаме и ќе бараме дополнителни отштети од Бугарија и Европската унија, бидејќи бараме само ослободување на капацитетите и не се мешаме во нивната фискална политика за воведување на дополнителни такси. Одлуката на Бугарија е нивна внатрешна одлука, но треба да се има предвид и јасно и отворено да им се каже дека ако носат такви одлуки треба да носат и други одлуки со кои ќе се ослободат капацитетите за државите да имаат простор да се снабдуваат од други извори како што е случајот со Македонија, нагласи Бектеши.
Претходната година, како што посочи, се ослободени одредени капацитети во делот на гасоводот што го имаме со Бугарија, но тие не се доволни за побарувачката и потребите на земјава. Тоа секако би влијаело на цената на природниот гас кој генерално го користи стопанството и компаниите кои работат во зоните, рече Бектеши.
Нагласи дека е во постојан контакт со компаниите и дека веќе реагирал кај Енергетската заедница и кај Европската комисија за проблемот со новата такса во Бугарија.
Очекувам да се ослободат капацитетите кои токму Гаспром ги има закупено од бугарската страна. Легитимно е да воведат такса за природен гас кој доаѓа од Гаспром, но треба да ги ослободат капацитетите кои се закупени од страна на Гаспром кон Македонија. Тоа е нашето барање и не сакаме да се мешаме во делот на фискалната политика на Бугарија, но имаме право да се жалиме во делот на либерализација на пазарот на природен гас и да бараме од Европската Унија тоа да го применат нивните членки, потенцира Бектеши.
Најави дека до крајот на годината ќе почне изградбата на гасоводот со Грција кој, како што кажа, е приоритет и е поддржан од страна на ЕБОР и од стратешките партнери.
Нема да трпиме ниту уцени во делот како ќе инвестираме и како ќе ги диверзифицираме енергетските капацитети. Таквите уцени не се прифатливи ни од Бугарија ниту, пак, од било кого. Ако мислат да прават уцени да правиме втор гасовод со нив тоа нема да им помине заради тоа што ќе продолжиме да ги диверзифицираме изворите на снабдување. Тоа веќе го имаме започнато и за тоа нема компромис, посочи Бектеши.
Нашите очекувања, додаде, се дека нема да биде потешка зима од ланската.
Вистина е дека глобално и геополитички се случуваат работи кои не одат во прилог во делот на енергенсите како што се нафтените деривати и природниот гас и слично. Во делот на електричната енергија ги зголемивме сите домашни капацитети и таму не гледам никаков проблем, додека во делот на природниот гас и нафтените деривати немаме никакво влијание со нашите одлуки, бидејќи не сме производители и сме целосно увозно зависни. Нашите одлуки во тој дел ќе ги носиме согласно движењата на берзата во соработка со Регулаторната комисија за енергетика, рече Бектеши.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.