Инфлатори за воздушни перничиња со хибридна технологија ќе се произведуваат во АРЦ Аутомотив во ТИРЗ Скопје 1, нова фабрика која е американско-кинеска инвестиција на компаниите АРЦ и Јангфенг, во вредност од 30 милиони евра.

Инвестицијата ќе овозможи над 100 нови вработувања, а производите ќе се извезуваат на европскиот пазар.

-Денес не е лесно да се привлече инвестиција, особено после ковид пандемијата и особено во време на војна во Украина и отежнати економски услови, но нашиот пристап го потврди спротивното бидејќи отвораме нови производствени капацитети. Новата инвестиција според менаџментот ќе биде вредна 30 милиони евра и ќе отвори 100 нови работни места, рече на свеченоста премиерот Димитар Ковачевски.

Тој ја истакна важноста на добрите услови за работа и креирањето добри економски политики, кои, како што оцени, даваат резултат, раст, развој и успех во справување со кризите и повтори дека мора да има струја, храна и енергенси за сите.

-Отворањето на вакви производствени капацитети се ветар во грб на нашата држава и ја прават конкурентна на глобалниот пазар. Оваа заедничка инвестиција на овие две светски познати компании ја прави Македонија земја во која се произведува и од која се извезува високо квалитетна опрема, за светски познати брендови од автомобилската индустрија, рече Ковачевски.

Додаде дека Владата останува силно фокусирана на економскиот развој и посветено менаџирање на економската криза.

-За помалку од една година мандат, само од почеток на годинава заклучно со септември во ТИР-зоните се отворени 1.600 нови работни места. Со новиот концепт на ТИРЗ и Владата за привлекување инвестиции само во изминатите 18 месеци се постигнати договори од 620 милиони евра, потенцира Ковачевски.

Директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Јован Деспотовски истакна дека со овој инвестициски проект од над 30 милиони евра државава покажала дека знае да биде достоен партнер за компании како АРЦ и Јангфенг.

-Покажавме дека и мала држава како Македонија може да донесе сериозни глобални играчи  не со пари, не со сила, не со скапи кампањи, туку со паметен пристапи со слушање и имање разбирање за потребите на партнерите. Со новата инвестиција ќе овозможат пристојни услови за работа, и доста попристојни одлични услови за остварување на достојна живеачка за над 100 наши сограѓани, рече Деспотовски.

Нагласи дека АРЦ само годинава ги зголеми платите за 20 отсто и додаде дека ќе ги охрабрува да продолжат да го прават тоа.

На свеченоста присуствуваат заменик шефот на Мисијата на САД Ерик Мејер, кинескиот амбасадор Џанг Ѕуо, како и првите луѓе на компаниите инвеститори.

Потпретседателот и генерален менаџер на Јангфенг сејфти системс за Европа и Северна Америка, Мајк Хејк рече дека компанијата постои веќе 70 години и е една од петте глобални бизнис лидери што снабдува речиси насекаде во светот. Извршниот директор на АРЦ Алекс Чин посочи дека компанијата е основана во 1948 година како компанија за ракетна технологија, а од 1970 година наваму работи во автомобилската индустрија и е пионер на полето на автомобилската сигурност што ги снабдува најголемите светски автомобилски брендови.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.