Изразуваме силен револт во однос на вчерашната медиумска објава на Државната лотарија на Македонија, во која се информира за започнување на постапка за основање на трговски друштва за интернет игри на среќа со доминантен капитал на Државна лотарија. Државата ни создава силен удар и ја доведува во прашање нашата егзистенција.
Зошто Државната лотарија досега молчеше и не информираше за отпочнување на постапката, иако владината одлука за отпочнување постапка за основање на три нови друштва за приредување интернет игри на среќа била донесена пред три месеци? Дали за однапред договорени компании од странство се отворени овие повици со цел да се дискриминираат домашните?
Зошто Државната лотарија чекаше во медиумите да избие скандал, за потоа да информира?
Целта на оваа нетранспарентност на Државна лотарија укажува на тоа дека зад сето ова стои однапред договорено сценарио и дека се работи за услови креирани за однапред договорени компании преку повик кој е незаконски.
Државната лотарија се повикува одредбите на член 7, став 3 од Законот за игрите на среќа и забавните игри. Мораме да потенцираме дека овој член не пропишува постапка и начин како и услови и критериуми за избор на приватен партнер. Преку овој повик јасно се гледа дека се прекршува Законот за игрите на среќа и забавните игри при што без прецизни законски услови и дефинирани критериуми се избираат приватни партнери.
Повикот е напишан за странски компании и преку него се врши директна штета на домашните приредувачи на игри на среќа. Како најочигледен пример ќе ја посочиме одредбата: да има искуство во приредување интернет игри на среќа во период од најмалку 3 години од денот на поднесување на понудата, да има искуство од најмалку 8 години во развој, поддршка и маркетинг на интернет платформа за игри на среќа и содржини на игри во две држави во Европа од кои една на Балканот и да има 40 милиони евра приход само од интернет игри на среќа. Прво државата не дискриминираше и не ни дозволуваше да приредуваме интернет игри на среќа, а сега како услов бара да сме имале искуство во тоа. Преку ова станува јасно дека партнерите се веќе договорени и ги исполнуваат токму наведените специфични услови.
Понатаму, Државната лотарија вели дека одлуката се темели на претходно изработена физибилити студија, за која нема споделено никакви детали кои укажуваат на потребата од отворање на три нови трговски друштва за интернет игри на среќа, што уште еднаш ја доведува во прашање издржаноста на одлуката.
Почитувани медиуми,
Оваа одлука значи силен удар за индустријата, односно за постојните приредувачи на игри на среќа, кои веќе имаат инвестирано во кадар, опрема и простор. На среден рок кога новите друштва ќе ја преземат работата ова ќе значи директен удар на 10 илјади вработени, и за домашните компании кои плаќаат данок на државата од околу 250 милиони евра годишно и придонесуваат за општеството.
Министерството за финансии од 2014 година ги нема донесено подзаконските акти, без кои во пракса не можеме да приредуваме игри на среќа преку интернет.
Сакаме да појасниме дека не е точно дека само Државна лотарија има право да приредува игри на среќа преку интернет, цитирајќи го член 7 став 3 од Законот за игри на среќа. Тој член ним само им дозволува, но истиот Закон во цела глава VI, со преку 20 членови регулира и дозволува лиценци и за останатите приредувачи, многу повеќе отколку само член 7.
Единствено, поради “административна причина” од непознати причини 9 години не се донесуваа подзаконските правилници, иако министерот за финансии беше должен да ги донесе за 6 месеци, токму за да се дозволи монополизирање на пазарот.
Поради сето ова нашата земја останува една од ретките во светот каде на постоечките приредувачи на игри на среќа не им се овозможува да приредуваат игри на среќа преку интернет, со што ние сме сериозно оштетени и за тоа алармиравме во повеќе наврати. Владата не само што немаше слух за нашите апели, туку направи крајно деструктивен чекор за нашата индустрија донесувајќи ја оваа штетна одлука.
Ја информираме јавноста дека ќе ги преземеме сите правни механизми да ја оспориме оваа штетна одлука која ќе предизвика сериозни последици за домашните приредувачи на игри на среќа и ќе остави без работа илјадници вработени во време на економска криза велат од Асоцијација на спортcки обложувалници на Македонија – АСОМ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.