Тоа што централните банки ја покачуваат основната камата е сигнал за период на повисоки камати и на штедните влогови и на кредитите, а тоа ќе придонесе за зголемување на штедењето и намалување на потрошувачката.

Ова во интервју за „Радио слободна Европа“ (РСЕ) го истакнува гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска, која нагласува дека за да се избегне нагло зголемување на каматите потребно е затегнување на монетарната политика.

„Повеќе централни банки почнаа со нормализирање на монетарната политика, којашто беше олабавена за време на пандемијата. Ова е резултат на подолготрајните и пораспространетите ценовни притисоци, коишто дојдоа преку цените на примарните производи на светските берзи, односно од страната на понудата. Најважно е затегнувањето на монетарната политика да оди постепено, за да се избегнат негативни ефекти од нагло зголемување на каматите“, вели гувернерката.

Таа посочува дека е јасно оти циклусот на ниски каматни стапки сега е завршен и централните банки и меѓународните финансиски пазари сега се движат кон постепено нормализирање односно кон враќање на нивоата од претходно.

Она што се случува надвор, констатира гувернерката, се одразува и кај нас.

„Подолготрајните притисоци од увозните цени, особено на храната и енергијата, коишто учествуваат со близу 50-тина проценти во нашата потрошувачка кошничка, влијаеа на подолготрајни и пошироко распространети инфлациски притисоци, бидејќи колку подолго се присутни увозните притисоци, толку повеќе стоки од потрошувачката кошничка се засегнати. Во овој контекст, Народната банка започна со затегнување на монетарната политика, односно двапати ја покачи основната камата. Одлуките за монетарната политика се носат секој месец, врз основа на најновите информации, најновите податоци и анализите коишто ги прават стручните служби на централната банка“, посочува Ангеловска-Бежоска.

Целото интервју на гувернерката можете да го погледнете ТУКА.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.