Стабилноста на денарот е јавно добро и е клучна за општата стабилност во економијата. Тоа укажува колку е голема одговорноста којашто ја има Народната банка, како институција којашто има мандат да се грижи за неговата стабилност – посочи на свеченоста за одбележување на 30 години монетарна самостојност гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска.

На овој свечен ден, кога чествуваме јубилеј којшто не е значаен само за Народната банка, туку за татковината и за нацијата во целина, стоејќи пред вас, уште еднаш нагласувам – стабилноста на денарот е загарантирана, истакна гувернерката на Народната банка.

Таа додаде и дека по примерот на Европската централна банка, Народната банка започнала и со првични активности за разгледување на можноста и потребата од воведување дигитален денар.

Ако анализите покажат дека е потребно и соодветно воведување дигитален денар, при некои од следните одбележувања на денот на монетарното осамостојување, се надевам веќе ќе говориме и за дигиталниот денар како официјално платежно средство во земјата – рече гувернерката.

Таа во своето обраќање посочи дека изминатите години Народната банка има постигнато значајни резултати.

На почетокот на 2019 година, како осумнаесетта земја во светот, беше достигнат највисокиот меѓународен статистички стандард на ММФ, а минатата година, Европската Комисија донесе одлука дека банкарската регулатива и супервизијата којашто ја спроведува Народната банка е еквивалентна на европската и со тоа банката е вклучена на листата од само 26 земји во светот коишто ги исполнуваат овие стандарди – посочи Ангеловска-Бежоска.

Во поглед на траснапрентноста, како што додаде, Народната банка е втора централна банка во светот, за којашто ММФ направи оцена според најновиот Кодекс и нè радува што констатираше висок степен на транспарентност.

-Секој историски значаен јубилеј, во извесна мера нè поставува на крстопат, при што осврнувајќи се на веќе оствареното, треба да донесеме одлука или да потврдиме по кој пат продолжуваме понатаму. Затоа, морам да истакнам дека независно од тоа како ќе се одвива евроинтегративниот процес на земјата, европските стандарди ќе продолжат да бидат наша водилка кон европското семејство на централни банки. А тогаш кога ќе се заокружи европско поглавје од нашата приказна и денарот ќе остане наш историски симбол на стабилност, верувам дека уште еднаш ќе се потврди дека како централна банка сме чекореле по вистинскиот пат, истакна гувернерката Ангеловска-Бежоска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.