Стабилизирање на цените на примарните производи, натамошното намалување на застојот во снабдувањето, но и на затегнатите меѓународни финансиски услови коишто ќе ја намалуваат побарувачката би требало да придонесат за стабилизирање на стапките на инфлација годинава, вели гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска.

Во интервју за „Дојче веле“, гувернерката истакнува дека намалувањето на притисокот од увозните цени, особено на енергентите и на храната, ќе биде најважно за домашната инфлација. Ангеловска-Бежоска смета дека и мерките што ги презема Народната банка треба да придонесат за стабилизирање на инфлациските очекувања, како значаен фактор којшто влијае врз инфлацијата, а ќе делуваат и кај еден дел од инфлацискиот индекс, оној којшто е почувствителен на промените во побарувачката.

Со оглед на проекциите на меѓународните финансиски институции за стабилизација на цените на примарните производи на светските берзи и очекувањата за водење претпазливи макроекономски политики, се проектира забавување на инфлацијата со што оваа година таа би се свела на 8 до 9 проценти, а на среден рок, инфлацијата и натаму ќе се намалува, сведувајќи се на нивото од 2,4 и 2 проценти во 2024 и 2025 година – посочува Ангеловска-Бежоска и додава дека очекувањата се во согласност со проекциите на меѓународните институции за намалување на глобалната и на домашната инфлацијата годинава.

Во однос на мерките што се преземаат од страна на Народната банка, гувернерката истакнува дека централната банка уште кон крајот на 2021 година започнала со преземање повеќе мерки.

Општо е познато дека инфлацијата го намалува реалниот расположлив доход на домаќинствата, особено на оние со пониски примања, ја зголемува неизвесноста и со тоа неповолно делува и на потрошувачките и на инвестициските одлуки, односно на условите за раст. Оттаму, централните банки ширум светот се посветени на одржување на ценовната стабилност, на среден рок. Начинот и интензитетот на реакциите на централните банки зависат од природата на инфлацијата, односно од придонесот на одделните фактори коишто влијаат врз неа, од монетарната стратегија и од инструментите со кои располагаат – вели Ангеловска-Бежоска.

Ризиците за овие проекции, особено во поглед на идните движења на цените на енергијата и храната, како што истакнува, и натаму се значително изразени, поради неизвесноста во однос на времетраењето на војната во Украина, како и поради можните натамошни неповолни ефекти од пандемијата којашто сѐ уште трае.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.