Централните банки мора да останат доследни на својата задача и да обезбедат среднорочна ценовна стабилност, а со тоа и макроекономска стабилност. Проекциите на меѓународните финансиски институции се дека во глобални рамки по високиот раст на инфлацијата минатата година, оваа година ќе дојде до постепено забавување, односно глобалната инфлација од околу 10 отсто ќе забави сведувајќи се на околу 7 отсто. Во регионот на ЦЈЕ исто така се предвидува забавување на инфлацијата со што би се свела на околу 8 отсто, коешто е слично и со проекциите за инфлацијата кај нас, порача гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска на панел-дискусијата на Форумот на Централна и Источна Европа (ЦИЕ), што го организира „Еуромани“ во Виена, Австрија.
Ангеловска-Бежоска, како што информира Кабинетот на гувернерката, истакнала дека ризиците околу проекциите се нагорни и зависат од три клучни претпоставки: цените на примарните производи да се стабилизираат, застоите во синџирите на снабдување и натаму да се намалуваат и инфлациските очекувања да се стабилизираат.
Најновата Анкета на ЕЦБ за инфлациските очекувања покажува дека кај краткорочните инфлациски очекувања сѐ уште има одредени нагорни поместувања речиси кај сите економии, но позитивно е што долгорочните инфлациски очекувања се главно стабилни. Одржувањето стабилни инфлациски очекувања е клучно за натамошната патека на инфлацијата, а предуслов за тоа е спроведување на прудентни макроекономски политики. Неопходно е инфлацијата да се врати на одржлив пат и со тоа да се зачува куповната моќ на населението и да се поддржат инвестициите преку намалување на неизвесноста – порача Ангеловска-Бежоска.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска се обрати на панел-дискусијата „Монетарна политика: фискални стимули, монетарни кочници ‒ справување со кризата“. Во панел-дискусијата учествуваа и гувернерот на централната банка на Грузија Коба Гвенетаџе, гувернерот на централната банка на Албанија Гент Сејко и заменик-гувернерот на централната банка на Унгарија Михали Патаи. Панел-дискусијата, како што се наведува, беше насочена кон тековните предизвици за централните банки предизвикани од сѐ повисоката инфлација на глобално ниво, координацијата на фискалната и монетарната политика и нивните правци во време на тековната криза.
Во рамки на Форумот, гувернерката оствари и повеќе средби со високи претставници на Европската банка за обнова и развој, Европската инвестициска банка, како и средби со повеќе меѓународни институционални инвеститори.
Форумот на ЦИЕ, на кој зеде учество гувернерката, во изминатите 28 години се етаблира како настан на кој учесниците на финансиските пазари заинтересирани за регионот можат да разменат идеи и очекувања за насоките за економијата на ЦИЕ. На овој форум традиционално учествуваат носителите на политиките, односно гувернерите на централните банки, министрите за финансии, раководителите на финансиските институции, но и инвеститорите.
Годинава собирот се случува во услови на глобални инфлациски притисоци, геополитички турбуленции во Европа и енергетска криза, коишто имаат влијание врз регионот на ЦИЕ. Оттаму учесниците дебатираат на теми поврзани со енергетската безбедност, случувањата во Украина, регионалниот банкарски сектор во тековниот контекст и монетарната политика.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.