Централните банки успеаја да надминат еден од најголемите стрес-тестови и успешно да влијаат кон намалување на инфлациските стапки и одржување на финансиската стабилност. Изминативе две години, централните банки ширум светот го спроведоа најусогласеното и најагресивното затегнување на монетарната политика во изминатиот половина век. Промените во монетарната политика беа соодветно поставени и комбинирани со макропрудентни мерки, сѐ со цел да се избегнат евентуалните неповолни ефекти врз финансиската стабилност, истакнала гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска на форумот на Централна и Источна Европа, во организација на „Еуромани“, што се одржува во Виена.
Според гувернерката, со таквата поставеност, засега инфлацијата се намалува, финансиската стабилност е зачувана, а рецесијата е избегната.
Од Народната банка информираат дека гувернерката зборувала на панел-состанокот насловен „Нови задачи, нови алатки“, на кој истакнала дека двојниот успех на централните банки, односно едновременото справување со инфлацијата и одржувањето на финансиската стабилност, се должи на два фактора – зајаканатите биланси на банките и останатите финансиски институции и збогатената палета на макропрудентни мерки за одржување на финансиската стабилност.
Преку обезбедувањето заштитни слоеви на банките и останатите финансиски институции, како и рамка за брзо решавање на системски важните институции, се придонесе за зајакнување на финансиската стабилност. Неодамна објавената студија на Банката за меѓународни порамнувања, која анализира 157 епизоди на затегнување на монетарната политика, утврдува дека построгата макропрудентна политика го намалува ризикот за финансиски стрес и на тој начин го зголемува просторот за маневрирање на централните банки во борбата против инфлацијата, посочила Ангеловска-Бежоска.
Во однос на инфлацијата, таа посочила дека не само постепеното намалување на инфлацијата, туку и стабилноста на инфлациските очекувања е показател за успешноста на политиките и довербата во централните банки. Ангеловска-Бежоска изјавила и дека и во поразвиените економии и кај нас, анкетните истражувања и пазарните движења покажуваат дека долгорочните инфлациски очекувања биле под влијание на високата инфлација само привремено, за потоа да се намалат.
На панел-состанокот учествувале и гувернерот на централната банка на Литванија, вршителот на функција гувернер на Централната банка на Грузија, гувернерот на централната банка на Албанија и заменик- гувернерката на централната банка на Полска.
Форумот на Централна и Источна Европа во организација на „Еуромани“ е еден од водечките традиционални настани од областа на финансиите. На него редовно присуствуваат повеќе од илјада учесници – гувернери на централни банки, министри за финансии, раководители на финансиски институции и инвеститори.
Во рамки на Форумот, гувернерката Ангеловска-Бежоска имала повеќе средби со финансиски институции и потенцијални институционални инвеститори.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.