Народната банка успешно се справи со шоковите во изминатите години, намалувајќи ја инфлацијата, додека силната регулативна рамка и кредибилноста на централната банка придонесоа за задржување на финансиската стабилност. Ова беше посочено на средбата на заменикот на генералниот директор на Меѓународниот монетарен фонд, Бо Ли, со македонската делегација во чиј состав се гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и вицегувернерката Емилија Нацевска.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска посочи дека мерките што ги презеде Народната банка, заедно со намалувањето на цените на примарните производи на светските берзи, придонесоа за намалување на инфлацијата од 19,8 отсто во октомври 2022 година на 2,6 отсто во септември. Се очекува дека просечната стапка на инфлација во 2024 година ќе биде блиску до проекциите на Народната банка од 3,5%. Ова е слична слика со последните прогнози на ММФ, коишто покажуваат просечна инфлација во 2024 година од 3,3%.
Со помош на обемниот сет на мерки што ги презема централната банка преку интервенции на девизниот пазар, каматните стапки и задолжителната резерва, како и со макропрудентните мерки, успеавме да се справиме со инфлацијата и да ја зајакнеме стабилноста на банкарскиот систем. Од една страна, се спречи прекумерното задолжување на граѓаните и компаниите, а од друга се зајакна довербата во домашната валута. Овие мерки придонесоа и за зацврстување на билансите на банките, што е основа за задржување на стабилноста и создавање простор за справување со можните неповолни промени – истакна Ангеловска-Бежоска.
На средбата со заменикот на генералниот директор на ММФ, Бо Ли, беше истакната улогата на одржувањето на високото ниво на кредибилитет во работењето и независноста на Народната банка, како едни од најважните фактори коишто придонесоа за успешно остварување на целите и макроекономската стабилност во изминатите години во текот на неколку последователни кризи. Според анализата во ММФ, Народната банка е меѓу највисоко рангираните во регионот и цела Европа според новоизработениот индекс на независноста на централните банки. Независноста на Народната банка, придружена од транспарентноста и отчетноста, ѝ овозможува на централната банка високо ниво на доверба од страна на јавноста. За јакнење на своите практики во поглед на транспарентноста во работењето, Народната банка зеде учество во пилот-проектот за оцена на усогласеноста со новиот Кодекс на ММФ за транспарентноста на централните банки на ММФ, како прва централна банка во регионот
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.