Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска ги претставила најновите макроекономски проекции на Народната банка пред дипломатскиот кор и пред претставниците на меѓународните институции.

На настанот, што се организира редовно по секој нов циклус макроекономски проекции на централната банка, присуствувале претставници на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Обединетите нации (ОН), Програмата за развој на ОН (УНДП), делегацијата на Европската Унија (ЕУ), како и на дипломатските претставништва на Албанија, Словачка, Бугарија, Холандија, Кина, Италија, Франција, Швајцарија, Шпанија, Косово, Шведска, Унгарија, САД, Грција, Германија и Словенија.

Имајќи ги предвид досегашните остварувања, како и проекциите на меѓународните финансиски институции за пад / стабилизирање на цените на храната и енергијата, затегнувањето на монетарните услови и другите мерки, се предвидува забавување на инфлацијата, односно таа би се свела на едноцифрено ниво од 8 до 9 проценти во 2023 година, а потоа на среден рок би забележала натамошно намалување и сведување под 3 проценти, како што беше и октомвриската проекција. Со оглед на геополитичките случувања, ризиците околу проекцијата за инфлацијата и натаму постојат, но засега проекциите на МФИ предвидуваат поголем пад на цените на примарните производи, што упатува и на одредени надолни ризици. Потребно е и внимателно следење на сите мерки коишто влијаат на агрегатната побарувачка – истакнала Ангеловска- Бежоска.

Нагласила дека идната поставеност на монетарната политика ќе зависи од динамиката на инфлацијата и инфлациските очекувања, но и од движењата на девизниот пазар и нивото на девизните резерви.

Во моментов, надворешната позиција на домашната економија во овој циклус се оценува како поповолна, при значително помал притисок врз тековната сметка во 2023 година, пред сѐ заради падот на цените на енергентите. Ова позитивно се одразува на девизните резерви. Во услови на очекувани солидни текови во финансиската сметка, се очекува дека девизните резерви и натаму ќе растат на збирна основа и ќе се задржат на соодветно ниво, што е потребно за одржување стабилен курс на денарот – оценила гувернерката.

Се осврнала и на очекувањата за економската активност при што посочила дека растот на македонската економија годинава се очекува да изнесува 2,1 процент, а на среден рок би забрзал на 3,6 проценти во 2024 година и на 4 проценти во 2025 година.

Растот на економијата ќе продолжи да биде поддржуван од банкарскиот систем со стапка на кредитен раст од 5,7 проценти во 2023 година. На среден рок се очекува забрзување на растот на кредитната активност, согласно со очекувањата за подинамичен економски раст и стабилизација на очекувањата. Кредитниот раст, како и досега, ќе биде поддржан од растот на депозитите, кој е главен извор на финансирање. Годинава се очекува забрзување на растот на депозитите кој би изнесувал 6,9 проценти, како и натамошен солиден раст во следните години, заедно со закрепнувањето на домашната економија и зголемена куповна моќ на населението, информирала гувернерката на состанокот со дипломатскиот кор и меѓународните финансиски институции.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.