Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски оствари работна средба со извршниот директор на унгарската авиокомпанија Визер, Јозеф Варади.

На средбата се разговараше за досегашната соработка меѓу Визер како корисник на финансиската поддршка за воведување на авиолини и Владата на Република Македонија која ја реализира оваа мерка со цел поттикнување и унапредување на авиосообраќајот во земјата.

Исто така, на средбата министерот Николоски го отвори и прашањето за новиот јавен повик за финансиска поддршка за нови дестинации до/од Меѓународниот аеродром Скопје и Свети Апостол Павле во Охрид за период 2025-2027 година. Министерот детално информираше за условите и критериумите од јавниот повик, потенцирајќи го придонесот на авиокомпанијата Визер за развој на патничкиот ависообраќај во изминатиот период.

На средбата Николоски истакна дека јавниот повик е отворен за сите авиокомпании кои се заинтересирани да работат на македонскиот пазар под услови пропишани од јавниот повик, се вели во соопштението од кабинетото на министерот Николоски.

Јавниот повик трае до 7 октомври и во рамките на тригодишната програма предвидено е финансиска поддршка во висина од 360 милиони денари. Покрај другите услови, предвидено е износот на финансиската поддршка да изнесува 9 евра по патник во доаѓање превезен од Меѓународен аеродром Скопје и 12 евра по патник во доаѓање превезен од аеродромот Свети Апостол Павле – Охрид.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.