Инспекциските служби на агенција за храна и ветеринарство (АХВ), во соработка со припадници на Министерството за внатрешни работи (МВР), вчера, 09.07.2024 година, открија и спречија нелегален промет на јагниња, со намера истите да бидат илегално извезени во Република Албанија.

Во координирана акција со инспекторите МВР, возилото со кое се транспортирале јагнињата е стопирано од полициски службеници во Струга и по спроведена контрола од страна на инспектори од АХВ, утврдено е дека станува збор за 63 јагниња кои не се идентификувани согласно Законот за идентификација и регистрација на животните, а транспортерот не поседувал и сертификати за здравствена состојба на животните.

Согласно дадената изјава на транспортерот животните се со потекло од населено место во Прилеп.

Согласно одредбите од Законот за инспекциски надзор, јагнињата се одземени од лицето кое ги транспортирало и се предадени на Агенцијата за управување со одземен имот.

Против транспортерот ќе биде поднесена прекршочна санкција за движење на неидентификувани животни без документи за движење.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.