Премиерот Димитар Ковачевски во видеообраќање упати честитки до менаџментот на компанијата „Јагео” и директорот на ТИРЗ Јован Деспотовски за новата инвестиција на „Јагео” во зоните во Скопје и Штип во доменот на електрониката.

Според Владата, станува збор за најголемата гринфилд инвестиција од осамостојувањето на нашата земја, во вредност од 205 милиони евра и над 3900 нови работни места.

„Јагео“ е водечка мултинационална компанија за производство на електронски компоненти, која има силно глобално присуство и свои производствени и продажни капацитети во Азија, Европа и Америка со 40.000 вработени во светот.

Во поздравното обраќање премиерот Ковачевски рече дека електронските компоненти кои ги произведува „Јагео“,  чип-отпорници и тантал кондензатори, се едни од најдобрите во светот и се користат за авионската и автомобилска индустрија, 5G и телекомуникации, индустрија, медицина, управување со енергија, зелена енергија.

Со новиот концепт на поттикнување инвестиции успеавме да ја ставиме нашата земја доста високо на мапата инвестициски дестинации кои имаат капацитет и услови да реализираат висококвалитетни инвестиции од кои ќе имаме бенефит и како држава, но уште поважно инвестиции кои носат директен бенефит за граѓаните во државата. Бројките најдобро зборуваат за тоа колку е ефикасен новиот концепт на инвестиции и поддршка на инвестициите во ТИРЗ. Последниве две години се постигнати договори од над 650 милиони евра, што е над половина од вкупниот обем на донесени инвестиции во претходните 10 години. Со оваа инвестиција надминуваме износ над 850 милиони евра, рече Ковачевски.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.