Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) објави оглас за вработување работници кои ќе работат на изградбата на четирите автопати на коридорите 8 и 10д.

Огласот е отворен до 25 април, а договорот е до 22 јануари 2028 година, до завршување на проектот. Работното време е 40 часа неделно.

Најплатена позиција на огласот е помошник на главниот и одговорен координатор на проектот, кој треба да биде градежен инженер. За оваа позиција е предвидена плата од 70.052 денари со осумчасовно дневно работно време во прва смена.

За координатор на единицата за техничка изведба на проектот, кој треба да биде градежен инженер предвидена е плата од 65.029 денари. Координаторот на единицата за подготовка на проектот ќе има месечна нето плата од 60.005 денари за, исто така, 40-часовна работна недела. За оваа позиција потребна е диплома од некој од факултетите за општествени науки.

На огласот се бараат четворица специјалисти за експропријација на имот. Кандидатите треба да имаат завршено факултет од општествените науки. И за нив ќе важи истото работно време (40 часа), а ќе добиваат основна плата од 45.045 денари. Се бара и по еден преведувач и по еден „известувач“ за проектот за плата од 45.045 денари.

Се бараат и двајца администратори кои може да имаат средно образование, а ќе добиваат нето плата од 30.000 денари. За истата плата се бараат и двајца возачи со најмалку средно образование.

На огласот се отвораат и пет работни позиции за „специјалисти за инвестиции и градба на патишта“. Тоа би биле градежни инженери со тригодишно искуство за плата од 55.037 денари. За истата плата се бара и еден „урбанист“, еден геодет, како и двајца „специјалисти за подготовка, изработка и следење на проектна документација“. Оваа плата ќе ја добиваат и двајца што се разбираат во заштита на животната средина, еден електроинженер што се разбира во енергетски објекти и еден сообраќаен инженер.

Проектот за изградба на делниците ќе ја чини државата 1,3 милијарди евра. Со договорот се опфатени делниците Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани, Требениште – Струга – Ќафасан и Прилеп – Битола.

По завршување на рокот, директорот на ЈПДП ќе формира комисија која ќе треба да ги селектира кандидатите, а изборот може да трае од 45 до 120 дена, во зависност од тоа колку кандидати ќе се пријават на огласот.

Уште пред да почне со изградба, проектот на „Бехтел и Енка“ наиде на низа критики. Една од спорните работи е измената на Законот за работни односи, предложен од Владата, а се однесува на 60-часовна недела, со цел побрзо да се заврши проектот, додека во огласот се наведува дека вработените ќе работат 40-часа неделно, што е право загарантирано со Устав.

Инаку, фирмата изведувач уште нема испроектирано ниту еден сантиметар од трасата, иако на 22 април ќе се стави камен-темелник на делницата од Коридорот 8, а на 12 мај – и на делот од коридорот 10д.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.